Европа е континентот кој најбрзо се загрева, а температурите се зголемуваат речиси двојно побрзо од глобалниот просек, според два одделни мониторинг на климатските промени. Ова може да има големи последици по здравјето на луѓето, топењето на глечерите и економската активност, предупредија од Светската метеоролошка организација на Обединетите нации (ОН) и Службата за климатски промени Коперник (C3S) на Европската унија (ЕУ).
Во заедничкиот извештај тие наведуваат дека континентот има можност да развие таргетирана стратегија за преминување на обновливи извори на енергија како што се ветерот и сончевата енергија со цел да се одговори на ефектите од климатските промени.
На континентот 43 отсто од електричната енергија се добива од обновливи извори, што е многу повеќе од 36 отсто колку што беше една година порано.
Просекот за последните пет години покажува дека Европа е за 2,3 степени потопла отколку во прединдустрискиот период, додека просекот за остатокот од светот е 1,3 степени, покажува извештајот, а пренесува АП.
– Европа се соочи со уште една година на зголемување на температурите и зголемување на климатските екстреми, вклучително топлина, рекордни температури, пожари, топлотни бранови и недостаток на снег – изјави Елизабет Хамдуш, заменик-шеф на единицата Коперник во Европската комисија.
Десет месеци по ред глобалните температури ги уриваат сите рекорди, а прогнозите за иднината се катастрофални.
Овие промени, нагласуваат од Коперник, имаат големо влијание врз здравјето на луѓето, а се проценува дека повеќе од 150 луѓе ги загубиле животите во пожари, поплави и невреме. Исто така, се проценува дека климатските промени доведоа до загуби од 13,4 милијарди евра.
– Стотици илјади луѓе беа погодени од екстремни климатски настани во 2023 година – рече Карло Буонтемпо, директор на Коперник.