Покрај навлегувањето на пазарот на проширена и виртуелна реалност, Apple наскоро би можел да зачекори понатаму во областа на здравствената технологија, со лансирање на паметен прстен кој ќе ги следи виталните функции на корисникот.
Пазарот за здравствена технологија и сродни паметни уреди е сè поактивен и поатрактивен. Неколку производители веќе нудат различни гаџети за следење на здравјето, како што се паметните прстени, од кои најистакнат е Oura Ring.
Неодамна, на настанот Unpacked, Samsung исто така објави дека наскоро ќе го претстави Galaxy Ring, исто така паметен прстен кој ќе ги следи виталните функции на корисникот.
Ваквиот развој, се чини, не може да помине без Apple, кој со години претставува бројни здравствени функции како главни предности на својот Apple Watch.
Според информациите на јужнокорејскиот портал ETNews, тие се подготвуваат и за лансирање на „Apple Ring“, паметен прстен со бројни технолошки додатоци. Во него би можело да има различни сензори, како на пример за мерење на отчукувањата на срцето, притисок, температура и движење, но и додатоци како NFC за плаќање или екран за прикажување на известувањата од телефонот.
Истражувачката компанија Business Research Insight наведува дека пазарот на паметни прстени расте, и дека во иднина ќе расте уште побрзо – до крајот на деценијата се очекува побарувачката за такви производи да се зголемува за околу 30% годишно. а во следните 8 години продажбата лесно би можела да се зголеми десеткратно. Тоа секако е примамливо за Samsung и Apple кои веќе работат на минијатуризација на уредите и имаат голем број на паметни часовници во понуда.
Дополнителни аргументи, кои велат дека нешто се „готви“ во Apple на тој простор, се и откриените патенти за технологии поврзани со паметните прстени. Samsung најави дека во јули ќе го претстави Galaxy Ring, а на истиот пазар „наскоро“ би можел да излезе и Apple, според истите извори.