Кинеската компанија GAC претстави прототип на мотор кој користи течен амонијак, кој во иднина би можел да биде алтернатива на бензинот, водородот и електричната енергија.
Единицата, развиена во партнерство со Toyota, беше инспирирана од поморската и транспортната индустрија, каде што се истражува употребата на амонијак наместо дизел во бродови и камиони.
Според кинеската државна компанија, ова е првиот досега мотор на погон на амонијак наменет за патнички автомобили. Агрегатот со четири цилиндри со зафатнина од 2 литри развива 163 КС, со јаглероден отпечаток кој е за 90% помал во споредба со бензинскиот мотор.
Бројни развојни проблеми
За време на годишната презентација за новата технологија, челниците на компанијата GAC изјавија дека при развојот на овој агрегат се соочиле со различни пречки, како вишок на азотни оксиди и зголемен притисок во цилиндрите.
„Ја надминавме болната точка на амонијакот што не е погодна за брзо согорување и подготвени сме да користиме амонијак како гориво во индустријата за патнички автомобили“, рече Чи Хонгжонг, инженер во научно-истражувачкиот центар на GAC.
Производството на амонијак сè уште не е целосно чисто
Традиционалниот начин на производство на амонијак бара голема количина на енергија, која генерално не доаѓа од обновливи извори. Сепак, неодамнешниот развој на технологијата и чистата енергија доведоа до помало производство на „зелен“ амонијак, кој користи обновливи извори на енергија за производство без јаглероден отпечаток.
Повеќе од две третини од светското годишно производство на амонијак се користи во земјоделството како ѓубриво. Покрај тоа, амонијакот има функција на гас за ладење во производството на пластиката текстилот експлозивите и пестицидите.
Предности и недостатоци на амонијакот како гориво
Она што многумина ги загрижува за комерцијалната употреба на амонијакот е тоа што тој е високо токсична супстанца која главно се користи како ѓубриво, но поради неговата запалива природа, амонијакот е соодветно решение за идните транспортни потреби. Амонијакот има околу половина од енергетската густина на бензинот, од околу 3,6 kWh на литар, но со согорувањето на овој гас не се испуштаат јаглерод, јаглеводороди или јаглерод диоксид.