Удар на гром произведе материјал досега невиден на Земјата

Громот што удри во дрво на западниот брег на Флорида произведе фасцинантен тип на фосфоресцентен материјал досега невиден на Земјата. Таа материја би можела да претставува сосема нова група минерали што го премостува јазот помеѓу вселенските минерали и оние што се наоѓаат на нашата планета. 

Материјалот, многу сличен на калциум фосфатот (CaHPO3), е пронајден во таканаречената скаменета молња (фулгурит), која се формира кога удар на гром ќе ја подигне температурата на песокот над 1.800 степени Целзиусови, со што материјалот моментално се топи. 

Иако фулгуритите се вообичаена појава, ретко е да се најде нешто толку уникатно во нив како што беше случајот во Флорида. 

„Никогаш не сме виделе овој материјал да се појави природно на Земјата“. Можеме да најдеме слични минерали во метеоритите и во вселената, но никаде не најдовме вакво нешто“, вели геологот Метју Пасек од Универзитетот во Јужна Флорида. 

Научниците не беа во можност да го произведат материјалот во лабораториски услови

За време на овој удар на гром изгорел јаглеродот во дрвото, како и железото што се акумулирало околу корените, откриле научниците, создавајќи го овој необичен материјал. Оваа форма на фосфат може да се формира во други слични сценарија кои вклучуваат високоенергетски состојби и може да игра значајна улога во циклусот на фосфор, пишува Science Alert. 

Научниците не беа во можност да ја создадат оваа форма на калциум фосфат во лабораторија, што укажува дека се потребни многу специфични услови за неговото формирање. Истражувањето исто така понуди повеќе информации за обликот и моќта на самите молњи бидејќи ова не е прв пат таков феномен да произведува материјали од интерес за научниците. 

„Важно е да се разбере колкава енергија има молњите бидејќи тогаш знаеме колкава штета може да предизвика удар од гром и колку е тоа опасно“, заклучи Пасек.