Последици од загадениот воздух: низок број на сперматозоиди, спонтани абортуси, деменција

Загадениот воздух може да му наштети на човекот дури и пред самиот чин на раѓање, покажува новото истражување на Империјал колеџот во Лондон. 

Од бројните честички кои имаат негативно влијание врз здравјето, се издвојува ПМ 2.5. 

  

„Додека насловните бројки за влијанието врз здравјето на загадувањето на воздухот се фокусираат на еквивалентен број на предвремени смртни случаи, пошироките влијанија се кријат во придонесот на загадувањето на воздухот во товарот на хроничните болести“, пишуваат авторите на студијата. 

Тоа, како што наведуваат, влијае на квалитетот на нашиот живот и може да има големи трошоци за општеството поради дополнителни здравствени и социјални потреби. Тоа влијае и на нашата способност да учиме, работиме и придонесуваме за општеството. 

Истражувањето ги разгледа клучните докази од 35.000 студии во изминатите 10 години од институции како што се Светската здравствена организација, Кралскиот колеџ на лекари и Меѓународната агенција за истражување на ракот за да се открие целосната слика од пред раѓањето до крајот на животот. 

Се покажа дека загадувањето на воздухот предизвикува низок број на сперматозоиди. За време на бременоста, беше откриено дека му штети на развојот на фетусот. Може да предизвика и мала тежина при раѓање и спонтани абортуси. 

Во детството, загадениот воздух може да предизвика астма и застој во растот на белите дробови. Може да влијае и на менталното здравје, крвниот притисок и когнитивните способности. 

И во зрелоста, тоа ја прави поверојатна раната смрт од рак, мозочен удар и хронични болести.  Најважното ново откритие, велат авторите на извештајот, е доказ кој се однесува и на влијанието на загадениот воздух врз здравјето на мозокот – вклучително и менталното здравје и деменцијата – како и на влијанието врз здравјето во раниот живот. 

„И двете претставуваат значителни, но моментално неквантифицирани трошоци за општеството и економијата“, пишуваат тие. 

Според извештајот на Обединетите нации, загадувањето на воздухот предизвикало повеќе смртни случаи за една година отколку првите 18 месеци од пандемијата на Ковид. Во Европа, која се смета за најчист континент, годишно умираат околу 300.000 луѓе предвреме, покажуваат податоците на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА). Ова е намалување за 10 проценти во однос на периодот од пред четири до пет години.