Прости бабо, прости дедо-Нека ти е простено од мене и од Бога

Така беше во градинката „Виножито“. Виолета Донева воспитувач и нејзината колешка Весна Крстева- негувател, заедно со дваесетината деца од нивната група секоја година се потсетуваат на традициите со прочка, ручекот со семејството кога помладите од постарите бараат прошка, и на крај амкањето на јајца.

-Мене како воспитувач, покрај грижата и воспитувањето важно ми е на дечињата да им ги пренесеме оние традиции и обичаи кои се карактеристини за нашиот крај. Струмичкиот карневал, во негови рамки и детскиот карневал кој се одржува во недела на Прочка е вековна традиција која дечињата треба да ја запознаат и негувааат уште од најмала возраст. 

Прочка, традиција каде помладиот бара прочка од постариот, и ручек кој завршува со амкање на јајца што претставува радост за децата и добро расположение за сите во семејството, се негува во секој дом во нашиот крај. Секоја година ние со дечињата го изведуваме овој обичај и во градинка. На тој начин преданието е живо и децата ги учиме да бараат прошка, но и да проштеваат. А најдобро се учи преку игра и затоа со колешката подготвуваме драматизација во која се опфатени сите аспекти поврзани со празнувањето на Прочка, објаснува Донева.

-Работата со дечињата е посебнa радосна. Секое дете традицијата ја учи и доживува на различен начин и внесува посебна убавина во претставата што ја подготвуваме и во традицијата што продолжува да се негува.  Љубопитството на дечињата, желбата да научат но и да го повторуваат она што го гледаат во своите домови создава посебна енергија и со љубов течат пробите за претставата, вели Крстева, додавајќи дека добредојдена им е и помошта од родителите.

Групата „Мали Медузи“ љубовта кон обичаите ја пренесоа и денес на Детскиот карневал. Заедно со своите воспитувачки беа дел од дефилето на плоштадот во струмица и ја претставија својата уникатна изработка на групната маска. Маска која ги воодушевуваат и дечињата и публиката и гостите од страна која ќе биде запаметена низ годините во Струмица. 

Тоа, велат оттаму е заокружување на едномесечните подготовки за одбележување на Прочка и негување на традицијата на Струмичкиот карневал. Работењето на маските и подготовките за карневалот не е лесен порцес, сепак станува збор за дечиња од 3, 4 и 5 години но радоста кај децата, насмевките и возбудата додека се подготвуваат маските и додека се игра и подготвува точката е она што ни дава сила но и потоа кога истите се презентираат на дефилето пред струмичката публика е она што не мотивира да продолжиме  да подготвуваме групни маска и заедно со дечињата од градинка секоја година да бидеме карневалџии, подвлекува Донева.