Мулен Руж: Живееме со карневалот цела година и на дефилето пренесуваме посебна енергија

Не се опишува чувството да се биде дел од поворката на струмичкиот карневал. Публиката која те поздравува од улиците и сака да се фотографира со Вас ви го крева дополнително карневалскиот дух и адреналинот. Вака вели Јани Караманолев еден од членовите на карневалсакта група „Мулен руж“ која секоја година е дел од големото интернационално карневаслко дефиле во Струмица. Според него тие два-три часа ја компензираат неколкумесечната макотрпна работа да се биде најдобар меѓу најдобрите за јавноста да зборува за креацијата, деталите, настапот, енергијата што ја пренесуваат.

„Ние живееме со карневалот цела година. Сите добро се познаваме во групата и не е проблем да се фунцкионира. Најпрво се отвора дебата за идеата, изводливоста на истата па се бара мислење од членовите. Потоа ги распоредуваме обврските и почнуваме со работа. По гаражи, домови, се собираме и работиме. Кој крои, кој шие, кој лепи детали, кој го осмислува возилото, секој во својот домен. Дружбата по цели вечери е најголемото доживување и сето тоа со една позитивна енергија. Едноставно те води желбата да се изработи најдобра маска оти на дефилето пренесуваме позитивна и посебна енергија“ вели Јани Караманолев.

„Индија“, „Африка“, „Моцарт“, „Вино и љубов“, „Патот до вселената“, „Кариби“ се дел од маските кои „Мулен руж“ ги има направено изминатите години за струмичкиот карневал. Сите оставиле печат кај јавноста. Караманолев не сакаше да каже која маска е заштитниот белег на ова карневалска група, оти секоја има своја порака, магија и поврзани приказни за возбудувања и патешествија.  

Главно тие функционираат како групна маска и до 50 членови при што во својата маска постојано користат возило согласно потребата на маската.

„Во групата сме цело семејство. Децата уште од мали ги маскиравме и ги носевме со нас, така што сега тие полека стануваат носители на карневалската магија, бидејки знаат што се случува пред настапот на карневалот, како се подготвува маската , како ја вежбаме кореографијата“ вели Караманов според кого за една квалитетна маска до 50 членови со моторизирано возило се трошат од 5 до 10 илјади евра кои ги обезбедуваат што од семејните буџети што од фирми спонзори.

Го прашавме што прават за времето на тие два-три часа додека стасат до настапот бидејки временските услови не се секогаш идеални. Тој вели дека се подготвуваат за секакво сценарио.

„Сме чекале и  5 до 6 саати на улиците во Струмица за да настапиме. Било е студено, сме се движеле и по дожд и по снег, но никогаш не било пречка да го дадеме максимумот. Секако ние сме психички и физички се подготвуваме за таа вечер. Гардероба, малку ракија и чај за да се загрееме, некогаш и греење си обезбедуваме во камионите, си правиме забава додека се движиме низ трасата. Но како се доближуваш до плоштадот каде обично се изведуваат точките, расте карневалскиот адреналин и желбата да се биде најдобар“ вели Караманолев од „Мулен Руж“.

Карневалската група „Мулен Руж“ и годинава ќе биде дел од интернационалната карневалска поворка. Ќе се престават со маската „Кабаре“ во која ќе има 22 члена. Караманолев вели дека и годинава има што да покажат.