Електричните автомобили би можеле да складираат енергија

Електричните автомобили би можеле во голема мера да помогнат во стабилизирањето на електричните мрежи и да помогнат во развојот на обновливите извори на енергија, тврди студија објавена во списанието Nature.

Преминот кон обновливи извори на енергија како што се ветерот или сонцето е клучен за справување со глобалното затоплување, пренесува Хина.

Технологијата „Vehicle to grid“ (V2G), која моментално е во развој, им овозможува на електричните автомобили да се полнат кога има многу на располагање електрична енергија и повторно да ја враќаат преку истиот терминал кога ќе се намали количината на енергија во мрежата.

Со зголемување на бројот на електрични автомобили, овие потреби за складирање би можеле да се задоволат до 2030 година во повеќето земји во светот, според пресметките на истражувачот Ченџијан Ксу од Универзитетот во Лајден во Холандија.

Батериите би можеле да понудат капацитет од 32 до 62 теравати до 2050 година, што е повеќе од потребите за складирање што ги проценува Меѓународната агенција за обновлива енергија.

Оваа пресметка вклучува и повторна употреба на  искористените батерии, кои се сметаат за недоволни за автомобилите поради губење на автономијата за 20 или 30 проценти.

„Користењето електрични автомобили за складирање електрична енергија ќе ја намали побарувачката за складирање енергија и климатските влијанија поврзани со производството на опрема за складирање“, рече Ксу за АФП.

Истражувачот очекува ограничено учество на корисниците на електрични автомобили во системот V2G, бидејќи тие циклуси би можеле малку да го намалат животниот век на батеријата.

Ова учество е „клучно“ и владата може да „игра важна улога со субвенциите“, нагласи Ксу, со микро-плаќања за поединци кои го поврзуваат својот автомобил на терминал и ја споделуваат својата електрична енергија, или обврзувајќи ги компаниите да ги поврзат своите возни паркови.

Студијата вклучува податоци од кинескиот, европскиот, американскиот и индискиот пазар и ги зема предвид факторите како што се различни технологии на батерии, километражата на автомобилот или просечните температури кои влијаат на траењето на батеријата.

Неколку производители како Hyundai или Renault веќе тестираат возила опремени со V2G, на пример во Утрехт.

Некои автомобили на Tesla се исто така веќе компатибилни, како и многу домашни полначи.

Рено проценува дека во случај на изнајмен електричен автомобил, возачот и марката би можеле да поделат до 400 евра годишно ако го остават својот автомобил приклучен осум часа дневно.