За кој начин на греење размислуваат граѓаните оваа грејна сезона? Секоја година сѐ поголема е побарувачката за инвертер клима уредите, велат трговците. За граѓаните пак, инвертер уредите се најисплатлив начин на греење. Нивните цени се движат од 23 до 100 илјади денари. Согласно информациите од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, до 12 септември 3.954 граѓани аплицирале за субвенции за инвертер уреди, а рокот за оваа финансиска програма истекува на 5 октомври.
Од друга страна побарувачката за пелети од година во година опаѓа. Променливата цена во текот на грејната сезона и немањето суровини се дел од причините за оваа состојба. Цената за пелети во моментот се движи од 240 до 260 денари за вреќа/15 кг.
– Луѓето не се чувствуваат сигурни и затоа сѐ почесто се одлучуваат за купување на инвертер уреди – изјави сопственик на продавница за бела техника во Струмица за Биди свој.
Од Македонски шуми до овој момент не добивме одговор за цената и побарувачката за огревно дрво. БидиСвој во разговор со граѓаните дознава – во моментот купуваат огревно дрво по цена од 3.500 денари, а цената достигнува и до 4.000 денари за м³.
Цената на природниот гас за месец април 2025 година ќе биде 5,4587 денари/kWh без вклучен ДДВ, односно 6,441266 денари/kWh со вклучен ДДВ.