цените на становите во Струмица бележат значителен пораст, достигнуваат и до 1.400 евра за м2

Разговор со Снежана Динева - Агенција за недвижности „Простор“ - Струмица

Во последниот период станбениот пазар во Струмица бележи значителен раст на цените. Според податоците од агенцијата за недвижности „Простор“, квадратот во некои делови од градот достигнува и до 1.400 евра, што е рекордно високо ниво за овој регион.

Иако цените постојано растат, побарувачката за станови не се намалува. Напротив, според агенциите, секојдневно се продаваат станови, вклучувајќи и оние што сè уште се во процес на изградба. Овој тренд, велат, е доказ дека интересот кај купувачите е поголем од понудата.

Посебен интерес предизвикуваат становите со површина од 30 до 40 м². Тие се сметаат за најпрактични за млади брачни парови кои започнуваат самостоен живот, за самци кои сакаат сопствено катче, како и за иселениците што сакаат да инвестираат во недвижнина во родниот град. Сепак, токму ваквите станови речиси и да не постојат на пазарот во Струмица, бидејќи градежните компании ретко се одлучуваат да градат мали квадратури, што дополнително ја зголемува побарувачката и ја ограничува понудата.

Голем дел од купувачите се иселеници од Струмица и околината, кои живеат и работат во странство. Најчесто тие купуваат станови во летниот период кога се враќаат во градот и сакаат да инвестираат во сопствен простор. Последните години токму дијаспората има значајна улога во движењето на пазарот на недвижнини во регионот.

Според агенцијата „Простор“, најголем фактор за растот на цените е недостигот на работна сила во градежните компании. Оваа состојба создава задоцнување во изградбата и предавањето на објектите во употреба, а со тоа се зголемуваат трошоците на инвеститорите и се намалува понудата на нови станови. „Градежните компании се соочуваат со големи предизвици во наоѓањето квалификувана работна сила, што директно се одразува на цената,“ вели Снежана од агенцијата.

Според информациите од Завод за статистика, во 2024 година има 447 завршени станови во целиот Југоисточен регион.