„Совесни“ учесници во сообраќајот - Поткаст со Миле Стојменов

Колку навистина сме совесни како учесници во сообраќајот? Дали ги почитуваме правилата затоа што сме свесни за безбедноста или едноставно сакаме да избегнеме казни?

Во најновата епизода на „СвојКаст“, разговараме со Миле Стојменов, експерт за безбедност во сообраќајот.  Разговараме за најголемите предизвици со кои се соочуваме како возачи, пешаци, велосипедисти и корисници на други превозни средства. Од несоодветната инфраструктура, преку недостатокот на едукација, па сè до (не)постоечката контрола на сообраќајот – оваа тема ги засега сите нас.

Еден од главните проблеми што ги истакнавме во разговорот е недоволната едукација.

 Сè почесто гледаме млади кои седнуваат зад воланот уште на 15 години, без никаква свест за ризиците што ги носи тоа. Затоа, се поставува прашањето – треба ли сообраќајната култура да стане дел од образовниот систем? Децата уште од прво одделение треба да учат за сообраќајните правила, а родителите да имаат поголема одговорност во пренесувањето на тие вредности.

Сообраќајна (не)култура и недостаток на контрола 🚦

Дали сообраќајната култура во Македонија е на задоволително ниво? Според нашиот соговорник, еден од најголемите проблеми е што многу возачи не ги почитуваат правилата, туку само се плашат од казни. Од друга страна, недостатокот на соодветна контрола од страна на полицијата доведува до зголемен број прекршувања – возење со недозволена брзина, управување на возило под дејство на алкохол и други ризични однесувања кои директно водат до несреќи.

Кој сè е загрозен во сообраќајот? ⚠️

Покрај возачите, една особено ранлива група се мајките со колички и лицата со хендикеп, кои буквално немаат простор да се движат по тротоарите. Возилата паркирани на пешачки патеки и недостигот на пристапни рампи ги прават улиците небезбедни за секого, освен за автомобилите.

Дополнителен ризик се и електричните тротинети, кои се повеќе се користат, но без јасни правила на движење. „Возат со несоодветна брзина, по улиците наместо по тротоарите, и често се ризик за пешаците,“ истакнува Стојменов.

Кој е одговорен за безбедноста? 🤔

Можеби ќе ве изненади, но статистиките покажуваат дека пешаци се одговорни за најголем број сообраќајни незгоди. Колку навистина внимаваат кога преминуваат улица? Колку од нив ги почитуваат семафорите и пешачките премини? На крајот на денот, безбедноста не зависи само од институциите, туку и од нас самите.

⏩ Време е за промена! Да работиме заедно на создавање подобра сообраќајна култура, повеќе свест и одговорност на патиштата.

Погледнете ја целата епизода овде и споделете ги вашите размислувања!