„Уметноста на молитвата“ е повеќекратно наградуван македонски филм, сниман на неколку континенти, кој успева на сликовит начин да ја допре уметноста на молитвата покажувајќи ја убавината на медитативната тишина. Неговиот автор Стефан Шашков е долгогодишен учесник и соработник на „Астерфест“. Филмовите на Шашков „Уметноста на молитвата“ (2004), „Бои во времето“ (2005, филм за Милош Коџоман) и „Шри чарши“ (2012, во коавторство со Ацо Станкоски) со голем успех беа прикажувани на „Астерфест“, а во 2014 беше и член на жирито. Тој при своето обраќање во Струмица рече дека со филмовите кои се одбрани за таа вечер, ќе се обидеме да го свртиме вниманието кон самиот авторски процес кој, всушност, е предуслов за градење на авторовата филмска поетика. Зборувајќи за искуството со неговиот 22-минутен филм „Уметноста на молитвата“, како и за релацијата слика–приказна, Шашков нагласи дека во него тој авторски ја промовирал идејата за универзална аналогија, на којашто се потпира севкупната духовна традиција, а самата идеја за снимање на филмот потекнала од Индија, каде што тој лично престојувал и од каде што започнало повеќегодишното патешествие со создавањето на тоа филмско дело.
Веднаш потоа, низ видеообраќање, авторот Митко Панов за оваа филмска вечер му се заблагодари на Горан Тренчовски како организатор на „Астерфест“, фестивал, пред сè, на авторски филм, кој годинава го слави својот 20-ти роденден. Панов, кој беше драг гостин и на претходното издание на „Астерфест“, рече дека на почетокот на неговите приказни најчесто се наоѓа сликата и токму од неа извира дејството. Според него, тој сложен креативен, трансформативен процес не може целосно да се опише, затоа што во центарот на секоја креација лежи непознатото, таинственото и она што не е податно за опишување. Задача на авторот-режисер е не само да ја визуализира приказната туку да ни даде доволно простор за сопствена креација, односно вообразба или имагинација за неа. Панов се надоврза и на личното искуство и фасцинацијата со стилските фигури – класификација која ни е позната од литературата, пред сè, од поезијата. Неговиот антологиски 6-минутен „Со кренати раце“ (1985), во полска продукција, добитник на „Златна палма“ во Кан, е фиктивно пресоздавање на еден вистински настан од моментите пред и по снимањето на познатата фотографија на која се прикажани жена и дете со кренати раце.
Оваа филмска средба беше дел од циклусот настани во јубилејната сезона на „Астерфест“, а следуваат низа слични меѓународни промотивни активности посветени на автори и дела, како и ретроспективата „Најдоброто од Астерфест“.