Животниот век на Европејците повеќе не се зголемува, а најголемото забавување се случило во Англија, покажуваат истражувањата. Експертите ја обвинуваат комбинацијата од лоша исхрана, физичка неактивност и зголемена дебелина, пишува The Guardian.
Во просек, годишниот пораст на очекуваниот животен век во Европа падна од 0,23 години помеѓу 1990 и 2011 година на 0,15 години помеѓу 2011 и 2019 година, според студијата објавена во списанието Lancet Public Health.
Од 20 испитани земји, падови се случија насекаде освен Норвешка. Зад Англија, првите земји со најалармантна ситуација се Северна Ирска, Велс и Шкотска.
„Оваа важна студија докажува дека превенцијата е клучот за поздраво општество, поради што е витален дел од 10-годишниот здравствен план на кој работиме заедно со британската влада“, рече Сара Прајс, директорка на англиската служба за јавно здравје NHS.
Таа додаде дека забавувањето на животниот век, особено поради кардиоваскуларните заболувања и ракот, укажува на итна потреба од посилна акција за сузбивање на клучните причинители на овие болести, а тоа се лошата исхрана, физичката неактивност и дебелината.
Студијата, спроведена од научници предводени од експерти од Универзитетот во Источна Англија, ги испитуваше промените во очекуваниот животен век во 20 европски земји од 1990 до 2021 година.
Еден од факторите што придонесе за забавување на животниот век секако беше пандемијата Ковид-19, велат експертите. Експертите посочуваат дека земјите каде што очекуваниот животен век е најмалку забавен, како Норвешка, Исланд, Шведска, Данска и Белгија, имаат помалку смртни случаи од срцеви заболувања и рак.
Водачот на истражувачкиот тим, Николас Стил, рече дека токму во овие земји здравствените политики на нивните влади придонеле за намалување на ризикот од срцеви заболувања. Како што е наведено, заклучоците од студијата укажуваат дека се потребни посилни владини политики за борба против дебелината и поттикнување на физичката активност.
„Ова е сеопфатна, долгорочна политика за заштита на населението од ризик, вклучително и ангажирање на прехранбената индустрија за да се подобри производството и да се направи исхраната на нацијата поздрава“, рече Стил.
Тој заклучи дека врвот на долговечноста во Европа сè уште не е достигнат, бидејќи во многу земји животниот век се уште се зголемува кај постарите луѓе.
„Проблемот е смртноста кај помладите луѓе, каде што има многу простор за намалување на ризикот и спречување на прерана смрт“, рече Стил.