Мистериозната „црна дупка“ на Пацификот предизвика реакции на интернет

Слика на платформата „Гугл мапс“ од октомври 2021 година покажа мистериозна, триаголна темна површина среде Тихиот океан, што предизвика бизарни гласини за неговото потекло. Сепак, се покажа дека тоа е мал остров со неверојатно густа покривка од дрвја.

Островот Восток е дел од Република Кирибати. Овој корален остров е покриен со дрвја така што изгледа како „црна дупка“. Неверојатна сателитска снимка од 2021 година покажува чудна, целосно црна триаголна структура во средината на Пацификот.

Мистериозниот објект, кој нашироко беше нарекуван „црна дупка“, потоа предизвика секакви приказни на интернет. Меѓутоа, набрзо се покажало дека е ненаселен остров густо покриен со дрвја.

Снимката првично беше споделена на Редит и покрај тоа што во описот пишуваше „остров“, привлече многу шпекулации во коментарите објавени од таблоидните медиуми. Бизарни идеи вклучуваа длабока јама под површината на планетата и тајна воена база која била прикриена.

Сепак, брзо беше потврдено дека темната површина е всушност островот Восток, една од 33 копнени маси што ја сочинуваат Република Кирибати во јужниот дел на Пацификот. Овој корален остров има површина од само 0,25 квадратни километри и се наоѓа на околу 6.000 километри источно од Австралија.

Црната боја на сликата е резултат на густата популација на дрвјата Pisonia, кои речиси целосно ја исполнуваат внатрешноста на островот. Овие дрвја се темнозелени, но во таква висока концентрација изгледаат многу потемни од ниската орбита на Земјата.

Дрвјата Pisonia растат толку блиску една до друга што често спречуваат кој било друг вид дрво или растение да расте меѓу нив бидејќи блокираат многу светлина.

Густото зеленило привлекува и бројни морски птици, кои се покриваат со лепливи семиња и ги шират на други острови. Во други делови на светот, забележано е дека некои птици толку се заглавуваат што остануваат заробени и умираат. Затоа понекогаш има многу коски под дрвјата.

Пред руските истражувачи да го откријат во 1820 година, немаше знаци дека луѓето некогаш го населиле островот Восток и оттогаш немало постојани жители – веројатно затоа што островот нема сигурен извор на свежа вода.