Дали знаете како мирисаат мумиите?

Древните египетски мумии мирисаат на дрво, зачини и имаат сладок мирис, покажува првото систематско истражување на експерти од Љубљана, Лондон и Египет, кои користеле и електронски нос, објави Хемискиот и хемиско-технолошкиот факултет во Љубљана.

Покрај мирисот на мумиите, истражувањето носи и некои нови сознанија за практиката на мумификација во древниот Египет, објави агенцијата СТА.

Истражувачите ги измерија и квантифицираа супстанциите што ги емитираат девет мумии изложени и сочувани во Египетскиот музеј во Каиро, а тим експерти обучени за мириси потоа ги опишаа мирисите според нивните мирисни ноти, интензитет и пријатност.

Водечкиот автор на студијата, Матија Стрлиќ, професор на Хемискиот факултет во Љубљана, вели дека мирисот на мумиите со години ги интересира експертите и пошироката јавност, но дека досега не е спроведена комбинирана хемиска и сензорна студија.

„Роволуционерното истражување навистина ни помага подобро да планираме конзервација и да ги разбереме античките материјали за балсамирање. Додава уште еден слој на податоци што ќе ги збогати музејските изложби“, рече тој.

Наодите отвораат нови можности за подобрување на музејската презентација на мумиите, бидејќи посетителите би можеле да го доживеат египетското наследство и преку мирис.

Директорот на египетскиот музеј Али Абделхалим, кој е коавтор на студијата, рече дека идентификувањето на различни техники и материјали за мумификација обезбедува увид во периодот, местото и социо-економскиот статус на мумифицираното лице.

Мирисот бил клучен за старите Египќани за време на процесот на мумификација, бидејќи пријатните мириси биле поврзани со телата на божествата и нивната чистота.

Дури и денес, околу 5.000 години подоцна, мирисот на мумиите често се опишува како пријатен, поради смоли и маслата од четинари и други растителни масла и смоли, како и восоците што се користат во процесот на мумификација.