Дури и краткотрајната изложеност на опасните ПМ честички во воздухот може да ја наруши способноста на луѓето да се фокусираат на она што го прават, дури и на најосновните активности, како одењето во самопослуга, покажа новото истражување. Загадувањето на воздухот ја слабее и човечката способност за интерпретација на емоциите и општествено прифатливото однесување, пишува MedicalXpress.
Научниците ги тестирале когнитивните способности на учесниците во студијата на чист воздух, но и по 4 часа поминати во загаден воздух.
Тестовите ја проценуваа работната меморија, селективното внимание, препознавањето на емоциите, психомоторната брзина и концентрацијата.
Студијата на научниците од Универзитетот во Бирмингем и Универзитетот во Манчестер, објавена во Nature Communications, покажа дека загадувањето негативно влијае на селективното внимание и препознавањето на емоциите, без оглед на тоа дали дишат нормално или само преку устата.
Експертите сугерираат дека за тоа можеби се виновни воспалителните процеси предизвикани од загадувањето, но нагласуваат дека загадувањето не влијаело на работната меморија. Ова покажува дека некои функции на мозокот се поотпорни на краткорочно загадување.
„Нашата студија дава убедливи докази дека дури и краткотрајното изложување на ПМ честичките може да има негативно влијание врз функциите на мозокот клучни за секојдневните активности“, рече д-р Томас Фахерти, коавтор и експерт од Универзитетот во Бирмингем.
Френсис Поуп, професор на истиот универзитет и коавтор на студијата, вели дека лошиот квалитет на воздухот го нарушува интелектуалниот развој и продуктивноста на работата.
– Ова може да има социјални и економски импликации во високо технолошкиот свет зависен од когнитивната извонредност. Намалената продуктивност влијае на економскиот раст, затоа итно е потребно построго регулирање на квалитетот на воздухот и потребни се мерки за борба против штетните ефекти од загадувањето врз мозокот, особено во високо загадените урбани средини, рече тој.
ПМ честичките се кратенка за терминот particulate matter, што се однесува на честичките во воздухот. Тие можат да бидат PM 10, кој има дијаметар до 10 микрометри и PM 2,5, кој има дијаметар до 2,5 микрометри.