Утринското кафе се покажа како подобар заштитник на срцето и заштита од кардиоваскуларни болести во споредба со сите други шолји црно кафе испиени во текот на денот. Според истражувањето објавено во European Heart Journal, луѓето кои пијат кафе наутро имаат помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести и помал севкупен ризик од смртност во споредба со оние кои пијат кафе во текот на денот.
Кафето го намалува ризикот од некои хронични болести
Истражувањето беше предводено од д-р Лу Чи, претседател на HCA Regents и професор на Универзитетот Тулејн, кој потсетува дека претходните истражувања покажуваат дека пиењето кафе не го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, и се чини дека го намалува ризикот од некои хронични болести, како што е дијабетес тип 2.
„Со оглед на ефектите што кофеинот ги има врз нашите тела, сакав да видам дали времето во кое пиеме кафе влијае на здравјето на срцето“, вели д-р Чи.
Студијата опфати 40.725 возрасни лица кои учествуваа во Националното истражување за здравјето и исхраната на САД (NHANES) помеѓу 1999 и 2018 година. Како дел од оваа студија, учесниците известија за видовите на храна и пијалоци што ги консумираат дневно, вклучително и дали пиеле кафе, колку и кога. Истражувањето опфатило и подгрупа од 1.463 луѓе од кои било побарано да пополнат детален дневник за храна и пијалоци цела недела. Истражувачите беа во можност да ги споредат овие информации со податоци за смртни случаи и причини за смрт во период од 9 до 10 години.
Утринското кафе го намалува ризикот од смртност за 16 проценти
Околу 36 отсто од луѓето во истражувањето пиеле утринско кафе, што значи дека првенствено пиеле кафе наутро, 16 отсто од нив пиеле кафе во текот на денот (наутро, попладне и навечер), а 48 отсто од анкетираните не пиеле кафе. Во споредба со луѓето кои не пиеле кафе, оние кои пиеле утринско кафе имале 16 отсто помали шанси да умрат од која било причина и 31 отсто помали шанси да умрат од кардиоваскуларни болести. Сепак, немаше намалување на ризикот за оние кои пиеле кафе во текот на денот во споредба со оние кои не пиеле кафе.
– Ова е прва студија за тестирање на временските модели на пиење кафе и здравствените резултати. Нашите наоди покажуваат дека не е важно само дали пиете кафе или колку пиете, туку и времето од денот кога пиете кафе. Обично не даваме совети за времето во нашите упатства за исхрана, но можеби треба да го земеме предвид во иднина. Студијата не ни кажува зошто пиењето кафе наутро го намалува ризикот од смрт од кардиоваскуларни болести. Можно објаснување е дека пиењето кафе попладне или навечер може да го наруши деноноќниот ритам и нивото на хормони како што е мелатонин. А тоа, пак, доведува до промени во кардиоваскуларните ризик фактори како што се воспалението и крвниот притисок – нагласува д-р Чи.
Зошто утринското кафе е „поздраво“ или зошто е важно времето од денот кога пиете кафе?
– Зошто би било важно времето од денот кога пиете кафе? Во утринските часови, обично има значително зголемување на симпатичката активност додека се будиме и стануваме од кревет. Овој ефект исчезнува во текот на денот и го достигнува најниското ниво за време на спиењето. Можно е пиењето кафе попладне или навечер да го наруши деноноќниот ритам на симпатичната активност, истакнуваат авторите.
Научниците потврдуваат дека многу луѓе кои пијат кафе во текот на денот страдаат од нарушувања на спиењето. Во овој контекст, интересно е што кафето го потиснува мелатонин, важен посредник во мозокот кој поттикнува сон.
– Генерално, сега треба да ги прифатиме значајните докази дека пиењето кафе, особено наутро, веројатно ќе биде поздраво. Затоа, пијте кафе, но направете го тоа наутро – советуваат научниците.