Програмата Артемис на американската вселенска агенција НАСА повторно е одложена. Мисиите планирани за враќање на луѓето на Месечината дополнително ќе бидат одложени, така што првиот лет со екипаж до орбитата на Месечината планиран за септември 2025 година е одложен за април 2026 година, објави вечерва администраторот на НАСА, Били Нелсон.
Ова одложување е поврзано со проблеми со капсулата Орион, која ќе ја користат астронаутите. Агенцијата објави дека штитот од прегревање при влегување во земјината атмосфера не работи добро и дека тоа било утврдено за време на мисијата Артемида I во 2022 година.
– Вселенската агенција направи детални тестови за подобро да го разбере ризикот за нашите астронаути за време на враќањето на Месечината – изјави Нелсон, а пренесува Си-Ен-Ен.
Преку тестирање ја откриле причината за проблемот со капсулата Орион, но сега е потребно сето тоа да се поправи за да не бидат загрозени животите на вселенските патници.
Пем Мелрој, заменик-администратор на НАСА, потврди дека проблем е враќањето на Земјата поради посебен маневар при кој се загрева капсулата.
Програмата Артемида е именувана по старогрчката божица Артемида, сестрата близначка на богот Аполон (на англиски Аполо). Со програмата Аполо Америка стана првата и единствена земја која успеа да испрати луѓе на Месечината, но и победи во вселенската трка.