Лекот бенрализумаб е многу поефикасен од традиционалните таблети во третманот на тешка астма, покажа клиничкото испитување. Лекарите го фалат овој лек, првиот нов лек за астма во последните 50 години, како револуционерен, пишува Гардијан.
Бенрализумаб е антитело што ги таргетира белите крвни зрнца кои можат да ги нападнат белите дробови кај луѓето со еозинофилна астма, форма на болеста што предизвикува оток и стеснување на дишните патишта.
Резултатите од клиничкото испитување покажаа дека пациентите со астма или хронични белодробни заболувања кои примиле инјекција од овој лек за време на напад имале помала веројатност да имаат отежнато дишење и други симптоми четири недели подоцна.
Имаше и значително подобрување во квалитетот на животот, според податоците објавени во The Lancet Respiratory Medicine.
Стероидните апчиња со децении беа главниот третман за астма и хронични белодробни заболувања, но тие не беа секогаш ефикасни, принудувајќи ги пациентите да земаат повеќе лекови, со ризик повторно да бидат примени во болница. Редовната употреба на стероиди го зголемува и ризикот од дијабетес и остеопороза, истакнуваат експертите.
– Ова е одлична вест за луѓето со белодробни заболувања. Но, поразително е тоа што ова е првиот нов третман во последните 50 години, што покажува колку е недоволно финансирано истражувањето на белодробните заболувања – изјави д-р Саманта Вокер.