Бременоста е период на драматични физиолошки промени, но освен што го менува телото, новото истражување покажува дека значително го менува и мозокот. Истражувачите од лабораторијата на професорката Емили Џејкобс од Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара ја спроведоа првата детална студија за невролошките промени во мозокот за време на бременоста, што фрла нова светлина за тоа како мозокот се прилагодува на предизвиците на мајчинството, пишува Neuroscience news.
– Сакавме да го следиме текот на промените во мозокот за време на самата бременост – изјави Лаура Причет, водечки автор на студијата . Додека претходните студии правеа скенирање на мозокот на жени пред и по бременоста, оваа студија за прв пат им овозможи на истражувачите да ги следат промените во мозокот на бремената жена во реално време, од пред зачнувањето до две години по породувањето.
Една од најинтересните точки на оваа студија е следењето на промените во мозокот кај жена која станала мајка за прв пат. Научниците редовно ја скенирале, забележувајќи промени во волуменот на сивата и белата материја, кои биле динамични во текот на целиот гестациски период.
Најголемата промена откриена во мозокот на трудниците е намалувањето на волуменот на сивата материја, особено во надворешниот збрчкан дел од мозокот – кората. Иако намалувањето на сивата маса на прв поглед изгледа алармантно, научниците објаснуваат дека тоа не мора да е лош знак. Всушност, се смета дека ова намалување укажува на фино подесување на мозочните кола, слично на она што се случува за време на пубертетот, кога мозокот станува поспецијализиран и поефикасен.
– Намалувањето на сивата маса за време на бременоста веројатно одразува период на кортикално подобрување – истакна Причет, додавајќи дека мозокот се прилагодува на барањата на родителството и социјалните интеракции со бебето. Овој феномен фрла светлина врз потенцијалните невролошки механизми кои им овозможуваат на мајките побрзо и поефикасно да одговорат на потребите на своето дете.
Иако намалувањето на сивата материја беше долготрајно и траеше дури и по породувањето, истражувачите забележаа привремено зголемување на белата маса, која е подлабока во мозокот и одговорна за комуникација помеѓу различните мозочни региони. Ова зголемување беше најизразено во вториот триместар, а потоа постепено се врати на нивоата пред бременоста околу времето на породувањето. Ваквата промена, снимена за прв пат во реално време, покажува колку е динамичен мозокот за релативно краток временски период.
Овие студии докажаа нешто што досега беше помалку познато, мозокот на возрасните е способен за значителна невропластичност, односно промени во структурата и функцијата во подоцнежните фази од животот. Промените кои се случуваат во мозокот на трудниците овозможуваат подобра адаптација на потребите на родителството, што дополнително ја потврдува моќната улога на невропластичноста.
– Промените во мозокот за време на бременоста ги поддржуваат адаптациите на однесувањето потребни за родителството – истакна Причет, нагласувајќи дека ова има важна биолошка смисла, бидејќи осигурува дека мајките се подготвени за предизвиците што доаѓаат со грижата за новороденчето.
Еден од интересните факти на кои истакнуваат авторите е дека дури 85% од жените доживуваат бременост барем еднаш во животот, а секоја година низ ова искуство поминуваат околу 140 милиони жени ширум светот. И покрај оваа фреквенција, невробиолошките промени за време на бременоста се релативно слабо истражени до сега.
Присет нагласува дека е важно да се отфрли идејата за кршливост на жените за време на бременоста и да се види дека невронауката за бременоста е клучот за подлабоко разбирање на човечкиот мозок и неговите адаптивни капацитети.
Наодите од оваа студија би можеле да играат клучна улога во раното откривање на ризикот од постпородилна депресија, состојба која погодува една од пет жени. Истражувачите веруваат дека овие промени во структурата на мозокот, вклучувајќи намалување на сивата материја и минливо зголемување на белата маса, се потенцијални показатели за ранливост на овој тип на депресија.
– Постојат лекови одобрени од ФДА за постпородилна депресија, но раното откривање се уште е предизвик. Колку повеќе учиме за мајчиниот мозок, толку се поголеми шансите да ја пружиме потребната помош – рече Причет.
Оваа студија не е последниот збор на оваа тема. Со поддршка од Иницијативата за женско здравје на мозокот на Ен С. Боверс сè повеќе жени и нивните партнери се вклучени во истражувањата на Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара и УЦ Ирвин, со меѓународни соработки со научници од Шпанија.
Со овие пионерски студии, мозокот на трудниците, кој досега беше недоволно истражуван, може да ни донесе нови сознанија не само за мајчинството, туку и за стареењето на мозокот и рано откривање на невролошки нарушувања.