Колку е старо пивото?

Пивото е еден од најпопуларните пијалоци во светот, а се пие илјадници години. Познато е дека древните Египќани го консумирале во големи количини, а опишан е и во еповите на Хомер. Сепак, колку навистина е старо пивото? Многу, многу старо, рече Тревис Рап, вонреден професор на Катедрата за класици на Универзитетот во Колорадо во Болдер, за CU Boulder Today.

Рап е познат како „пивски археолог“ и многумина му завидуваат на неговата необична академска кариера. Тој патува низ светот за да открие како древните култури правеле пиво, а потоа самиот го пробува процесот во неговата истражувачка пиварница.

Во моментов, вели тој, работи на две варијации на пијалокот од еповите на Хомер, кои имаат поголема содржина на алкохол од традиционалните пива.

– Кога пијам чаша вино, тоа обично го правам со сопругата. Ако си ставам виски, сакам да бидам малку сам… Но кога пијам пиво, сакам да го пијам со други луѓе. Пивото одамна е она што не обединува – изјави Рап.

Како што објаснува тој, досега најстарите докази за производство на пиво доаѓаат од пештера во Израел. Жителите на пештерата Ракефет користеле отворен аван во каменот за да ги кршат и натопуваат растителните скроб и да ги претворат во шеќер, процес кој сега се нарекува матење. Тие ги ферментирале овие шеќери во садови направени од влакна.

Местото во пештерата Ракефет е старо околу 13.000 години, па тоа значи дека пивото, колку што знаеме, е старо колку и самото земјоделство.

– Како што напредува науката, мислам дека тој датум ќе го поместиме понатаму.

Античките локалитети се предизвик за некои бидејќи тогашното пиво не би го сметале за пиво од многу денешни експерти.

– Денес пивото најмногу се прави од житарки како јачменот, пченицата и оризот. Но, жителите на пештерата Ракефет тој пијалок го правеле од мешавина на диви зрна со други растенија како клубени и плодови – додава Рап.

Пивата со модерен вкус, оние со кои се познати на повеќето пивопијци денес, се појавија во Баварија од 15 век. Во тоа време, објаснува тој, пиварите се обидувале да го избегнат данокот на различни растенија со додавање на хмељ во пивото. Одговорот беше баварскиот закон за чистота од 1516 година, кој го дефинираше пивото како пијалок направен од три состојки – вода, јачмен и хмељ. Ова подоцна ја обликуваше германската индустрија за пиво.

– Мигрантите кои дојдоа во Америка од Германија донесоа такво пиво и затоа лагер беше доминантно пиво во САД до појавата на занаетчиските пивари – изјави Рап.

Тој вели дека не треба да има ограничувања што е тоа пиво, го дефинира како пијалок што прво се вари, па се ферментира. Затоа, нагласува тој, пиварите треба да продолжат да експериментираат со диви вкусови како кисела праска, чоколадо во стаут, но и со антички хибриди на пиво и вино. Ова, додава тој, е многу долга традиција.