„Екстремните температури ќе се влошат“: Август беше најтоплиот август досега

Август 2024 година беше исто толку топол како август 2023 година, што значи дека заедно со него беше и најтоплиот август досега. Просечната температура на воздухот беше 16,82 степени, што е за 0,71 степени повисока од просекот за овој месец помеѓу 1991 и 2020 година, соопшти службата за климатски промени Коперник на Европската унија (C3S).

– Август 2024 година беше за 1,51 степен потопол отколку во прединдустриската ера и ова е 13-ти од 14-те месеци во кои глобалните температури надминаа 1,5 степени во однос на прединдустриската ера. Просечните глобални температури во последните 12 месеци (од септември 2023 до август 2024 година) се највисоки за кој било 12-месечен период – се вели во соопштението на Коперник.

Кога станува збор за Европа, овој август беше најтопол од август 2022 година. Температурите беа 1,73 степени над просекот. Ситуацијата беше најлоша во јужна и источна Европа, но беше потпросечна во Ирска, Велика Британија, Исланд, западниот брег на Португалија и јужна Норвешка.

– Во текот на изминатите три месеци светот се соочи со најтоплите јуни и август, најтоплиот ден во историјата и најжешкото лето на северната хемисфера. Оваа серија на температури ги зголемува шансите 2024 година да биде најтоплата година досега. Екстремните температурни настани што ги гледаме ова лето само ќе станат поинтензивни, со попогубни последици за луѓето и планетата ако не преземеме итни мерки за намалување на емисијата на штетни гасови – изјави Саманта Бургес, заменик директор на Коперник.

Променливата клима продолжи да предизвикува катастрофи ова лето, а во Судан, поплавите предизвикани од обилните дождови минатиот месец погодија повеќе од 300.000 луѓе и придонесоа за ширење на колерата во земјата разурната од војна.

Научниците, исто така, потврдија дека климатските промени предизвикуваат суша на италијанските острови Сицилија и Сардинија и дека го засилиле тајфунот Гаеми, кој ги пoмина Филипините, Тајван и Кина во јули, убивајќи повеќе од 100 луѓе.

Климатските промени предизвикани од човекот и природниот временски феномен Ел Нињо, кој ги загрева површинските води во источниот дел на Тихиот Океан, доведоа до рекордно високи температури на почетокот на оваа година.

Коперник рече дека подпросечните температури во екваторијалниот Пацифик минатиот месец укажуваат на транзиција кон Ла Ниња, постудениот пандан на Ел Нињо, но и покрај тоа, рекордно високи температури се забележани во различни делови на светот.