499 првачиња денес седнаа во училишните клупи во основните училишта во Општина Струмица

Денес, вкупно 499 првачиња за првпат седнаа во училишните клупи и го направија првиот чекор кон своето образование. Во ООУ „Маршал Тито“ – Струмица сѐ уште трае уписот – информираа од секторот за образование на Општина Струмица за редакцијата на БидиСвој.

Во најголемиот дел од основните училишта беа организирани свечени приредби, топол пречек од наставниците, честитки од директорите и многу емоции од родителите. Радоста на децата, шарените букети и звукот на училишното ѕвонче го одбележаа овој важен ден.

Сепак, покрај радосната атмосфера, бројките носат и загрижувачка порака. Споредено со минатата учебна година, бројот на запишани првачиња е намален. Лани во сите основни училишта на територијата на општината имаше вкупно 556 првачиња, додека годинава нивниот број е помал за 57 деца.

Особено загрижувачки е фактот дека во четири основни училишта во руралните средини – во селата Попчево, Габрово, Мемешли и Дарламбос – оваа учебна година не е запишано ниту едно прваче. Таму, за жал, не заѕвони училишното ѕвонче за најмалите, а празните училишни клупи се тивок потсетник на демографските промени и иселувањето кое сè посилно ја погодува нашата општина.

Прашањето кое природно се наметнува е: дали овој тренд на намалување на бројот на деца во основното образование е директна последица на иселувањето на младите и младите брачни парови? Дали ова е предупредувачки сигнал за иднината на малите населени места, но и за целата заедница?

И покрај овие предизвици, првиот училишен ден останува посебен и неповторлив за секое дете и семејство. Наставниците и директорите во сите училишта низ општината, со посебно внимание и љубов ги примија првачињата. Училишните дворови беа исполнети со радосни лица, искрени детски насмевки и неизмерна возбуда.

На сите наши првачиња им посакуваме успешен, безгрижен и среќен почеток на ова ново поглавје во нивните животи.