Дополнителни пет минути вежбање дневно го намалуваат крвниот притисок

Дополнителни пет минути вежбање дневно може да помогне во намалување на крвниот притисок. Ова го покажа студијата на научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Сиднеј.

Високиот крвен притисок погодува 1,28 милијарди луѓе ширум светот и е една од најчестите причини за рана смрт, пишува Гардијан. Може да доведе до мозочен удар, срцев удар, срцева слабост, оштетување на бубрезите и многу други здравствени проблеми, а често се опишува како „тивок убиец“ поради недостаток на симптоми.

Студијата следеше околу 15.000 луѓе кои носеа уреди за активност 24 часа на ден за да ја истражат поврзаноста помеѓу секојдневното движење и крвниот притисок.

Резултатите покажале дека дополнителни пет минути вежбање, како што се качување по скали или возење велосипед, се доволни за подобрување на крвниот притисок.

– Нашите наоди сугерираат дека за повеќето луѓе вежбањето е клучно за намалување на крвниот притисок, наместо помалку напорните форми на движење, како што е пешачењето – изјави научникот Џо Блоџет.

Таа истакна дека пешачењето може позитивно да влијае на крвниот притисок, но дека другите вежби имаат поголемо влијание на кардиоваскуларниот систем.

Дополнителни пет минути од која било вежба која го зголемува пулсот може да го намали систолниот крвен притисок (СБП) за 0,68 милиметри жива (mmHg) и дијастолниот крвен притисок (ДБП) за 0,54 mmHg.

„Откритието дека само пет дополнителни минути вежбање или енергична случајна активност дневно може да се поврзат со мерливо пониски отчитувања на крвниот притисок, нагласува колку е важно движењето со поголем интензитет за управување со крвниот притисок“, рече научникот Емануел Стаматакис.