Во смртоносните бури и поплави за 20 години загинаа 570.000 луѓе

Најсмртоносните временски непогоди – бури, топлотни бранови, поплави и слично, станаа уште поинтензивни и поверојатни во последните 20 години. За ова се виновни климатските промени предизвикани од човекот, според новата анализа на научниците од групата World Weather Attribution (WWA) од Империал колеџ во Лондон.

Најмалку двојно поверојатна е можноста да се случат 10-те најсмртоносни временски настани. Бурите, топлотните бранови и поплавите кои ги погодија Европа, Африка и Азија во последните 2 децении, убиле повеќе од 570.000 луѓе, објави Би-Би-Си.

– Оваа студија треба да ги отвори очите на политичките лидери кои се држат до фосилните горива кои ја загреваат планетата и уништуваат животи. Ако продолжиме да гориме нафта, гас и јаглен, страдањата (на луѓето) ќе продолжат – изјави Фридерике Ото, ко-основач на WWA.

Истражувачите се фокусираа на 10-те најсмртоносни временски настани регистрирани во Меѓународната база на податоци за катастрофи од 2004 година.

Најсмртоносниот настан во последните две децении беше сушата во 2011 година во Сомалија, за која се смета дека загинаа повеќе од 250.000 луѓе. Истражувачите открија дека недоволните врнежи што доведоа до сушата беа поекстремни поради климатските промени.

На списокот е и топлотниот бран што ја погоди Франција во 2015 година, при што загинаа повеќе од 3.000 луѓе, а истражувачите велат дека високата температура е двапати поверојатна поради климатските промени.

На списокот се и европските топлотни бранови во 2022 година, кога загинаа 53.000 луѓе и 2023 година, кога животот го загубија 37.000 луѓе. Овие настани би биле невозможни без климатските промени, велат научниците во студијата.

Се додава дека климатските промени го зголемиле интензитетот на смртоносните тропски циклони кои го погодија Бангладеш во 2007 година, Мјанмар во 2008 година и Филипините во 2013 година.

– Огромниот број на смртни случаи што постојано ги гледаме во екстремни временски услови покажува дека не сме добро подготвени за затоплување од 1,3 степени Целзиусови, а камоли 1,5 или 2 степени – изјави Руп Синг, од Климатскиот центар на Црвениот крст и Црвена полумесечина поддржана од WWA.

Таа рече дека студијата ја покажала потребата сите земји да градат отпорност на климатските промени и предупреди дека рекордните екстремни временски настани ќе се зголемат како што планетата се загрева.