Бојата на јазикот открива дали имаме рак, дијабетес или анемија

Бојата на јазикот може да предвиди разни болести, открија научниците од Универзитетот во Јужна Австралија. Со анализа на бојата на човечкиот јазик, компјутерскиот алгоритам успеал да ја усогласи бојата на јазикот со болеста во речиси сите случаи, односно постигнал 98 проценти точност во предвидувањето на различни болести.

Со нов метод, тонот на јазикот успешно се усогласува со болестите

Системот за сликање на јазикот, развиен од ирачки и австралиски истражувачи, може да дијагностицира дијабетес, мозочен удар, анемија, астма, состојби на црниот дроб и жолчното кесе, инфекција со Ковид 19 и низа васкуларни и гастроинтестинални проблеми.

Инженерите и истражувачите од Средниот технички универзитет (MTU) и Универзитетот во Јужна Австралија постигнаа голем успех во серија експерименти во кои користеа 5.260 слики, кои беа искористени за „обучување“ на алгоритми за откривање на бојата на јазикот. Болниците на Блискиот Исток доставија 60 слики од јазиците на пациенти со различни медицински состојби. Моделот со вештачка интелигенција (АИ) успеа да ја усогласи бојата на јазикот со болеста во речиси сите случаи.

Трудот, објавен во списанието Technologies, опишува како предложениот систем ја анализира бојата на јазикот за да обезбеди дијагноза на самото место, потврдувајќи дека вештачката интелигенција е клучот за многу напредок во медицината.

Бојата, обликот и дебелината на јазикот може да откријат голем број здравствени состојби

Еден од водачите на студијата, професорот Али Ал-Наџи од Средниот технички универзитет, вели дека моделот на вештачка интелигенција всушност ја повторува практиката стара 2.000 години широко користена во традиционалната кинеска медицина – испитување на јазикот за знаци на болест.

– Бојата, обликот и дебелината на јазикот може да откријат голем број здравствени состојби. Вообичаено е, на пример, луѓето со дијабетес да имаат жолт јазик, пациентите со рак да имаат пурпурен јазик со густа масна обвивка, додека пациентите со акутен мозочен удар имаат црвен јазик со невообичаена форма. Белиот јазик може да укаже на анемија, луѓето со тешка форма на инфекција со Ковид 19 веројатно ќе имаат темно црвен јазик, а индиго синиот или виолетовиот јазик укажува на васкуларни и гастроинтестинални проблеми или астма – објаснува професорот Ал-Наџи.

Научниците најавуваат дека во иднина дури и паметните телефони ќе се користат за дијагностицирање на болести на овој начин.

– Овие резултати потврдуваат дека компјутеризираната јазична анализа е безбеден, ефикасен, лесен за употреба и достапен метод за скрининг на болести кој ги комбинира современите методи со вековната практика – нагласува професорот Ал-Наџи.