Најновата студија покажа дека постарите луѓе можат да запомнат позната музика подеднакво добро како и младите, но дека делови од нивниот мозок мора да работат повеќе за да ја постигнат оваа цел.
Тимови на истражувачи од Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Архус во Данска испитувале 39 лица на возраст над 60 години, како и 37 помлади луѓе на возраст меѓу 18 и 25 години, јавува Би-Би-Си.
Истражувачите ја нарекоа музиката „иновативен и вреден начин“ за подобрување на разбирањето на меморијата и функционирањето на мозокот. Тие изјавија дека ова може да биде важно за скрининг на постари лица кои се изложени на ризик да развијат деменција.
На учесниците во студијата им беше пуштена музика инспирирана од композициите на Јохан Себастијан Бах. Скеновите со магнетна резонанца потоа беа користени за да се спореди што се случува во различни делови од нивниот мозок во зависност од тоа дали се постари или помлади.
Главниот истражувач на студијата, професор Леонардо Бонети, рече дека наодите покажуваат дека промените во функционалноста на мозокот „не мора да водат до патолошки состојби“.
– Стареењето не е само процес при кој мозокот работи сè помалку, туку процес во кој мозокот се менува со цел да се прилагоди на предизвиците и да компензира механизми кои стануваат помалку ефикасни – објасни тој.