Неодамнешните истражувања сеопфатно ја анализираа здравствената состојба на помладите генерации, а резултатите се далеку од охрабрувачки. Според најновата студија на Американското здружение за рак (ACS), објавена во престижното списание The Lancet Public Health, стапките на рак меѓу генерацијата X (родени помеѓу 1965 и 1980 година) и милениумците (родени помеѓу 1981 и 1996 година) бележат значителен раст. Оваа студија носи алармантни податоци за се поголемиот број случаи на рак кај помладите луѓе, но и за зголемувањето на стапката на смртност од одредени видови на рак..
Студијата на Американското здружение за рак опфати податоци за инциденцата на рак за 23.654.000 пациенти со 34 различни типови на малигнитет и податоци за смртност за 7.348.137 смртни случаи од 25 видови на рак, за периодот од 2000 до 2019 година. Истражувачите ги споредија стапките на рак меѓу различни генерации, од 1920 до 1990 година, и дојдоа до зачудувачки резултати. Имено, стапките на инциденца се зголемуваат со секоја нова генерација родена од 1920 година, а пораст особено е забележан кај генерацијата X и милениумците.
– Нашите наоди го потврдуваат постоењето на генерациска промена на ризикот од рак. Ова зголемување на инциденцата кај помладите генерации може да биде резултат на специфичните социјални, економски, политички и климатски услови во кои пораснале овие генерации – рече д-р Хјуна Сунг, главен автор на студијата и виш научник за надзор и еднаквост на здравјето на Американско здружение за рак.
Истражувачите издвоиле осум видови на рак кај кои е забележано драстично зголемување на инциденцата кај помладите генерации. Забележано е дека стапката на инциденца на рак на панкреасот, бубрезите и тенкото црево кај двата пола, како и ракот на црниот дроб кај жените, била два до три пати повисока кај генерацијата родена во 1990 година во споредба со генерацијата родена во 1955 година.
Покрај овие, стапките на инциденца се зголемија кај помладите генерации за девет други видови на рак, вклучително и рак на дојка (само позитивен на естроген-рецептор), рак на матка, колоректален карцином, кариоиден карцином на желудникот, рак на жолчното кесе, рак на јајниците, рак на тестисите, рак на анусот кај мажите и Капоши-овиот сарком кај мажите. Интересно е да се забележи дека кај генерацијата X и Millennials, стапката на инциденца за рак на матката била дури 169% повисока во споредба со генерацијата со најниска стапка на инциденца.
Она што е уште позагрижувачки е фактот што зголемувањето на инциденцата на одредени видови на рак е придружено со зголемена стапка на смртност. Смртноста е зголемена особено кај помладите генерации за рак на црниот дроб (само кај жени), рак на матка, рак на жолчното кесе, рак на тестисите и колоректален карцином.
Според Ахмедин Џемал, д-р, виш потпретседател за надзор и еднаквост на здравјето во Американското здружение за рак, овие податоци ја нагласуваат потребата итно да се идентификуваат и да се решат основните фактори на ризик кај Gen Xers и милениумците. Без ефективни интервенции на ниво на население, како што истакнува д-р Џемал, во иднина може да дојде до општо зголемување на оптоварувањето на ракот, што би можело да го поништи деценискиот напредок во борбата против оваа болест.
Еден од клучните фактори за успешно лекување и превенција на ракот е пристапот до здравствена заштита. За жал, многу припадници на помладите генерации сè уште немаат соодветен пристап до здравствена заштита.
– Растечкиот товар на ракот кај помладите генерации ја истакнува важноста од обезбедување прифатлива и сеопфатна здравствена заштита за луѓето од сите возрасти – вели Лиза Лакасе, претседател на Американското здружение за рак.
Интересно е што, според неа, значителен дел од популацијата на милениумците и генерацијата Х сè уште немаат пристап до здравствено осигурување или имаат осигурување кое не ги покрива сите потребни здравствени услуги.
Зголемените стапки на рак кај помладите генерации претставуваат сериозен јавно здравствен проблем. Овие загрижувачки податоци укажуваат на потребата од итна акција во делот на превенција, рано откривање и пристап до здравствена заштита. Без соодветни интервенции, ризикуваме во иднина да се соочиме со сериозен здравствен товар, кој негативно ќе се одрази на сите аспекти на општеството.