Научниците од Германија идентификуваа габи кои јадат пластика за кои веруваат дека можат да помогнат во справувањето со милиони тони отпад што ги загадуваат светските океани секоја година.
Анализата на езерото Стехлин во североисточна Германија за тоа како микрогабите напредуваат на некоја пластика без друг извор на јаглерод, покажа дека некои од нив се способни да разградат синтетички полимери, рече Ханс Петер Гросарт, водач на научниот тим во Институтот Либниц.
„Најизненадувачкото откритие е дека нашите габи можат да растат исклучиво на некои од синтетичките полимери, па дури и да формираат биомаса“, изјави Гросарт за ТВ Ројтерс.
Тој смета дека микробите кои ја уништуваат пластиката може да се користат во пречистителни станици или други објекти со контролирани услови.
Сепак, тој предупреди дека печурките веројатно нема да бидат решение за запирање на глобалната поплава на отпад.
„Дефинитивно треба да се обидеме да испуштиме што помалку пластика во околината. „Пластиката е направена од фосилни јаглерод и ако печурките ја разградат, таа не се разликува од тоа што согоруваме нафта или гас и ослободуваме CO2 во атмосферата“, рече научникот.
Од избраните 18 видови на габи, четири беа особено „гладни“, што значи дека можат ефикасно да користат пластика, особено полиуретан, кој се користи за правење градежна пена.
Полиетиленот, кој се користи во пластичните кеси и амбалажата, се разградуваше побавно при анализата, а најтешка беше микропластиката од абењето на гумите, главно поради адитивите како тешките метали.
Гросарт рече дека верува дека способноста на габите да користат пластика е адаптација на огромните количини пластичен јаглерод во околината, но активноста на ензимот е многу зависна од надворешните услови, како што се температурата или микронутриентите.
Во светот во 2021 година се произведени околу 390 милиони тони пластика, споредено со 1,7 милиони тони во 1950 година, покажуваат податоците на здружението на производители на пластика Plastics Europe.
Иако стапката на рециклирање е зголемена во последните неколку години, помалку од 10 отсто од пластичниот отпад се рециклира ширум светот, пишува британската агенција.