Недела, 21 јули, беше најтоплиот ден на глобално ниво откако се измерени температурите, покажаа прелиминарните податоци од службата за климатски промени Коперник на Европската унија, пренесува Ројтерс.
Глобалната температура во неделата изнесуваше 17,09 степени Целзиусови, нешто повисока од рекордот поставен во јули минатата година, кој изнесуваше 17,08 степени.
Топлотните бранови погодија големи делови од Европа, САД и Русија минатата недела.
„Коперник“ за Ројтерс потврди дека е урнат рекордот за просечна дневна глобална температура, кој се одржува од 1940 година, а научниците сметаат дека причината за тоа се климатските промени предизвикани од човекот.
Секој од изминатите 13 месеци, почнувајќи од јуни 2023 година, беше најтопол на планетата откако беа направени мерењата, рече Коперник. Некои научници укажуваат дека 2024 година би можела да ја надмине минатата година во однос на топлината, поради фактот што климатските промени и природниот феномен Ел Нињо уште повеќе ги подигнаа температурите оваа година. Освен тоа, глобалната температура ја надминала глобалната температура во прединдустрискиот период за 1,6 степени, што се смета за многу опасно.