Антонио Митрикески лауреат на наградата „Астер“

Лауреат на наградата „Астер“ на овогодишниот 19. „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески.

Претходни лауреати на престижната меѓународна награда „Астер“ биле авторите: Бранко Гапо, Карољ Вичек, Лордан Зафрановиќ, Рангел В’лчанов, Боро Драшковиќ, Мигел Ермосо, Лаила Пакалнина, Тимоти Бајфорд, Владимир Блажевски, Карпо Година, Киро Урдин, Борис Геретс, Вајт Хелмер, Коле Ангеловски, Ким Лонгиното, Пиро Милкани, Јан Качер, Желимир Жилник… Исклучителната филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус на Антонио Митрикески заземаат посебно место во македонската, балканската и европската кинематографија. Покрај Милчо Манчевски и Митко Панов, Митрикески е еден од најизразитите македонски претставници на генерацијата филмски автори кои започнаа да го градат својот опус и постигнаа видни успеси веднаш по осамостојувањето на Македонија.

Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на отворањето на „Астерфест“, на 1 август, во 20:30 часот, во Амфитеатарот во Струмица, а статуетката за наградата „Астер“ специјално ја изработи македонскиот уметник Никола Пијанманов.

По повод добивањето на ова престижно признание, Антонио Митрикески изјави:

 Оваа награда, да бидам лауреат на годинашново издание на Астерфест“, за мене е привилегија поради фактот дека нејзини носители се значајни имиња од светот на филмот, и македонскиот и светскиот. Оваа награда воедно ја споделувам со сите филмски работници со кои имам работено, кои се еднакво заслужни за оживување на моите краткометражни и играни филмови.

Сакам да му се заблагодарам на основачот и претседателот на фестивалот г. Горан Тренчовски, за ентузијазмот и посветеноста благодарение на кои со својата екипа успеа да го одржи и да го позиционира овој филмски фестивал на пошироката балканска и европска филмска сцена.

Од моето лично искуство сакам да кажам дека патот за реализирање на едно филмско дело е комплексен, полн со премрежја низ кој проаѓа еден режисер, филмски автор, но интересно е тоа дека токму таа неизвесност ја дава најголемата мотивација да се изработи филмот најдобро што се може, да се даде сѐ од себе. Како педагог сум сведок на успесите на младите режисери, затоа треба на идните генерации да им се овозможи полесно да дебитираат и да се оценуваат само нивните уметнички вредности, а политиката да нема никакво влијание. Само на таков начин ќе ги задржиме младите и успешните во Македонија.

На 2 август, во хотел „Горан Пандев“, во 11 часот, ќе се одржи традиционалниот „Астер портрет“ (Тивериополска филмска беседа) за Митрикески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов.

Сите филмови на Митрикески се прикажувани на поранешните изданија на „Астерфест“. За оваа пригода, на 4 август вечерта, во Амфитеатарот во Струмица, во соработка со Кинотеката на РС Македонија, за струмичката публика ќе има специјална проекција на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ на Митрикески, според сценарио на Ташко Георгиевски и Митрикески, со Никола Ристановски и Агњешка Вагнер во главните улоги. „Преку езерото“ е филм во кој Константин мечтае по Елена, која е од другата страна на езерото, и се решава на неизвесна авантура, за пат преку езерото во кајче – за да стигне до неа.

Антонио Митрикески е роден во 1961 г., во Скопје. Дипломира на Државната школа за театар, филм и телевизија во Лоѓ, Полска, на Отсекот за филмска и ТВ-режија, во 1987 година. За време на студиите реализира четири кусометражни филма, и тоа: ДвобојДенВреме и ЕхоАвтор е на две телевизиски драми, „Има ли таму некој, според Вилијам Саројан, и „Џамбазот и крчмарката, според сопствено сценарио. Во селекција на Државната висока школа учествува и на повеќе меѓународни филмски фестивали: Оберхаузен, Минхен, Краков, Карлови Вари и др. За филмовите Ден и Двобој добива специјални дипломи и награда на градот Лоѓ. Во 1991 г. го реализира документарниот филм Љубовта на Кочо Топенчаров, за кој е награден со Златен медал за дебитантски филм на Мартовскиот фестивал за документарен филм во Белград. Во 1997 г. го реализира долгометражниот филм „Преку езерото во македонско-полска копродукција. Филмот премиерно беше прикажан на Фестивалот во Монтреал, доби награда од публиката на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ – Битола во 1997 година, а исто така, учествуваше на голем број фестивали и е продаден на голем број телевизии во светот. Во 2003 г. го снима долгометражниот игран филм „Како лош сон во македонско-хрватско-англиска копродукција. Филмот светската премиера ја доживеа на дваесет и седмиот Mонтреалски светски филмски фестивал. Беше прикажан во официјална конкуренција и доби признание од фестивалот. Во 2011/12 г. реализира седум документарни филмa на тема „Национална борба за ослободување на Македонија“. 

Во 2013 г. реализира единаесет документарни филма од историјата на Македонија. Во 2014 г. го снима долгометражниот игран филм „Деца на сонцето во македонско-српска копродукција. Светската премиера се одржа на 24 септември, во Лондон, во официјална селекција на Филмскиот фестивал „Реинденс“. За истиот филм на Македонскиот филмски фестивал во Торонто го добива Златниот медал за најдобар игран филм, а на Филмскиот фестивал во Сиднеј, „Денови на македонскиот филм“, ја добива Наградата за најдобар режисер. Во 2015/16 г. реализира четири документарни филма за градот Битола.

Филмовите на Антонио Митрикески учествуваа на голем број филмски фестивали во Европа, Америка, Азија, Австралија и Африка. Добитник е на повеќе престижни филмски награди. Бил член на жирија на многу значајни меѓународни филмски фестивали. Исто така, одржал работилници за филмска режија во Сиднеј, Белград, Лоѓ, Битола, Бари и др. Во 2006 г. ја издава збирката поезија „Патување“, во 2009 г. збирката поезија „Траги“, а најновата насловена „Простори“ ја издаде оваа година. Основач е на приватното претпријатие за производство на филмови „Хоризон филм“. Во 2012/13 г. ја извршува функцијата претседател на Управниот одбор на „Вардар филм“. Во 2014/15 година е претседател на Управниот одбор на Здружението на филмски режисери во Македонија. Докторира во 2010 г., со докторската дисертација „Теорија и практика на документарниот филм. Во 2013 г. на истата тема објавува книга-учебник. Работи како професор по предметот Филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

19. „Астерфест“ во Струмица започнува на 1 август (четврток) во Амфитеатарот, во 20:30 ч., и тој годинава ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“.

Покровител на фестивалот е Општина Струмица.