Може ли мумиите да доведат до нова пандемија?

Вируси, бактерии и паразити кои напаѓаат од древните египетски мумии, сакрофаги и запечатени опседнети гробници се чест мотив во филмовите и сериите. Сепак, многумина се прашуваат дали навистина постои можност патогенот од новооткриените мумии да доведе до нови пандемии, до екстремно ширење на болести на кои одамна сме заборавиле?

Како што пишува LiveScience, научниците веќе утврдиле дека во античките времиња во долината на Нил имало многу заразни болести како што се големи сипаници, туберкулоза и болести на црниот дроб. Сепак, сите овие патогени се мртви илјадници години, па ваквото сценарио е речиси целосно неверојатно, вели д-р Пирс Мичел, директор на Лабораторијата за антички паразити на Универзитетот во Кембриџ и соработник на Одделот за археологија.

– Повеќето видови паразити умираат во рок од една или две години ако нема жив домаќин. Ако чекате повеќе од 10 години, сите се мртви – изјави тој за LiveScience.

На пример, вирусите како оној што предизвикува сипаници можат да се репродуцираат само во живите клетки домаќини, според американскиот национален институт за здравје (НИХ). На бактериите кои предизвикуваат туберкулоза и лепра, исто така, им треба жив домаќин за да преживеат, додава НИХ.

– Преку анализа може да се открие дека сите делови од ДНК на овие паразити се многу кратки. Наместо да имаат долги, здрави ДНК нишки, тие имаат само околу 50 или 100 базни парови. Како да е се исечено, а причината е што ДНК се деградира и се распаѓа. Не постои начин ништо да биде способно за живот откако ќе се распадне ДНК: ништо друго не може да се разбуди – изјави Мичел.

Сепак, некои цревни паразитски црви, кои се пренесуваат преку измет, живеат подолго од другите организми и немаат потреба од домаќин. Сепак, ниту тие не претставуваат голема опасност.

– Тие се посилни и можат да траат со месеци, понекогаш дури и неколку години, но ништо не може да трае илјадници години – изјави Мичел.