Како хроничниот стрес и депресијата ја загрозуваат меморијата

Депресијата е ментална болест која го урива квалитетот на животот во многу области. За човек кој страда од депресија може да биде исклучително тешко да стане од кревет, под влијание на депресија секојдневните задачи не само што се заморни туку и бесмислени. Депресијата е состојба која на одреден начин го загрозува когнитивното функционирање и го менува начинот на кој размислуваме.

Состојбата во голема мера влијае на секојдневниот живот

Депресивниот човек секогаш ќе ја гледа чашата како полупразна. Психијатарот д-р Кери Холмберг од Универзитетот Стенфорд вели дека депресијата го нарушува помнењето.

– Често пациентите не знаат каде ги оставиле клучевите, имаат проблем да запомнат некои информации што ги прочитале неодамна. Личноста едноставно вели дека не е способна добро да функционира – објаснува д-р Холмберг.

Кои настани добро ги паметат депресивните луѓе?

Се чини дека послабата меморија може да биде придружник на депресијата. Депресивните луѓе тешко се сеќаваат на малите нешта кои го прават животот значаен. Лесно ќе се сетат каде биле на одмор, но нема да можат да се сетат на убава плажа или вкусна храна.

Психолозите објаснуваат дека меморијата е способност да се задржат информациите добиени преку искуство или активно учење. Постојат неколку форми на меморија – ретроспективната, на пример, е сеќавањето на минати настани, семантичкото се однесува на општи факти, епизодното на сопствените искуства. Менталната меморија обработува апстрактни податоци, тоа е моторна меморија на некое движење, има и проспективно, односно сеќавање на нешто што треба да го правиме во иднина.

Токму оваа перспективна меморија, на пример, однапред договорен повик, плаќање сметка, одење на забава, се чини дека е слаба точка на депресивните луѓе. Забележано е дека одредени депресивни луѓе се мачат да се сетат на некоја однапред договорена обврска или задача, но дека никогаш немаат проблем да запомнат не многу пријатни детали, дури и од далечното минато, вели психијатарот д-р Даниел Дилон од Универзитетот Харвард.

– Депресивните луѓе појасно се сеќаваат на несреќите. Добро се сеќаваат на негативните факти, додека помалку се способни да запомнат добри настани. За време на клиничкото интервју се забележува дека лесно се сеќаваат на сите негативни настани – вели Дилон.

Хипокампусот е чувствителен на стрес

Во една студија од 2014 година, негативната меморија беше испитувана кај депресивни и недепресивни лица. Луѓето кои беа депресивни подобро се сеќаваа на негативните концепти. Истражување од 2007 година наведува дека состојбата на депресивните се влошува кога се обидуваат да се сетат на позитивен настан, кај пациенти кои биле излечени од депресија такви промени на расположението не се случиле. Експертите објаснуваат дека делот од мозокот одговорен за учење и меморија е хипокампусот, кој е чувствителен на стрес.

– Помал волумен на хипокампусот може да ја објасни слабата меморија кај депресивните луѓе. Руминацијата е состојба кога негативните мисли за тешките настани од минатото постојано се повторуваат, а ова нарушување може да го отежне концентрирањето. Преживувањето, или постојаното фокусирање на вознемирувачки ситуации или настани, исто така зафаќа нервни ресурси кои мозокот би можел да ги искористи за меморија – вели д-р Дилон.

Експертите објаснуваат и дека рецепторите на хормонот за стрес се густо распоредени во хипокампусот, во состојба на хроничен стрес доаѓа до атрофија на кратки нервни завршетоци на телото на невроните (дендрити), а се верува дека стресот го спречува и обновувањето на нервните клетки.

Пациентите се свесни за когнитивното оштетување

Меѓутоа, депресијата е комплицирана состојба, а експертите истакнуваат дека овие наоди можеби нема да ја опишуваат целосната слика. Можно е некои луѓе да имале малку помалку развиен хипокампус дури и пред депресијата.

Стручните лекари, сепак, постојано разговараат со пациентите за проблеми со меморијата.

– Пациентите се многу свесни за когнитивните оштетувања. Потврдувањето на овој дел од депресијата е важно – смета Холмберг и додава дека антидепресивите можат ефикасно да го намалат чувството на тага, но дека не се толку успешни во таргетирањето на когнитивните аспекти на депресијата. Поради ова, се случува пациентите да се чувствуваат подобро, но сепак да имаат проблеми со когнитивното функционирање.