Нови катастрофални податоци - јуни 2024 година најтопол откако се следат температурите

Јуни 2024 година е најтоплиот јуни досега. Со просечна температура на воздухот од 16,66 степени, температурата беше за 0,67 степени потопла од просекот за периодот од 1991 до 2020 година и за 0,14 степени потопло од минатиот јуни, соопшти службата за климатски промени на Европската унија (C3S) Коперник.

Ова е неверојатен 13-ти месец по ред кој е најтопол откако се следат температурите, се вели во соопштението.

– Според податоците, јуни бил за 1,5 степени потопол од истиот месец во периодот од 1850 до 1900 година, што претставува прединдустриска референца. 

Тоа значи и дека ова е 12-ти месец по ред кога е пробиена границата од 1,5 степени во однос на прединдустриската возраст – наведува C3S.

Кога станува збор за Европа, температурите во јуни 2024 година беа за 1,57 степени повисоки од просекот од 1991 до 2020 година. Ова го направи овој втор најтопол јуни во европската историја.

– Јуни е 13-ти месец по ред кога се соборени глобалните температурни рекорди и 12-ти месец потопол за повеќе од еден и пол степен во однос на прединдустриското време. Ова е повеќе од статистички необична бројка, туку нешто што ја истакнува големата и постојана промена на нашата клима. Дури и ако оваа екстремна серија наскоро заврши, ќе видиме дека се поставуваат нови рекорди додека затоплувањето продолжува. Ова е неизбежно доколку не ја намалиме емисијата на штетни гасови со ефектот на стаклена градина – изјави Карло Буонтемпо, директор на Коперник.

Според податоците, оваа година најверојатно ќе ја надмине 2023 година како најтопла досега, пренесува Ројтерс.

Научникот Зик Хаусфадер проценува дека сега има околу 95 отсто шанси 2024 година да ја надмине претходната година и да стане најтоплата откако се направени мерењата на температурата.