Зошто политичарите сè помалку ги разбираат обичните луѓе?

Во предизборните кампањи во 2024 година, партиските лидери се трудеа максимално да се претстават како некој што ги разбира маките на обичните луѓе поради поскапувањата, но веќе не изгледаат убедливо. Причината за ова е што моќта и статусот што го имаат ја попречуваат нивната способност да ги разберат другите и да ги разберат нивните животи, покажа истражувањето во социјалното разбирање, пишува за The Conversation д-р Ема Отерски, предавач по филозофија на колеџот Тринити во Даблин.

Како што наведува, во Велика Британија политичарите имаат повисок статус од луѓето што ги претставуваат и тој статус може да биде пречка за емпатијата.

– Една алатка што ја имаат луѓето е способноста да го толкуваат туѓото однесување во зависност од нивните психолошки состојби (намери, верувања, желби, емоции, расположенија…) Филозофите ова секојдневно сфаќање на луѓето од околината го нарекуваат „народна психологија“. Но, дали сите имаме иста народна психологија? Постојат културни разлики во тоа како некој ги разбира настаните. Некои култури се повеќе индивидуалистички, па луѓето во нив веруваат дека другите имаат поголема контрола врз настаните околу нив. Но, позицијата во одредена култура, исто така, се чини дека има влијание. Луѓето со висок социјален статус имаат помала веројатност да ги разберат настаните во контекстот во кој се случуваат. Накратко, помала е веројатноста на луѓето со проблеми да се гледаат како жртви на околностите – рече Отерски.

Таа додава дека една студија покажа дека луѓето со понизок социјален статус ги сметаат надворешните фактори поважни за, на пример, ХИВ инфекцијата, дебелината или изборот на училиште отколку самите одлуки. Спротивно на тоа, луѓето со повисок социјален статус имаат тенденција да мислат дека секој е одговорен за она што им се случува.

– Добриот политичар треба да може да носи добри одлуки во име на другите. Затоа е важно да се разбере како тој го доживува светот. Имајќи предвид дека политичарите по дефиниција се моќни и главно со повисок статус, тие веројатно повеќе веруваат во напор отколку во околности. За жал, се чини дека моќта навистина може да ви удри од глава – изјави Ема Отерски.