Финска ќе биде првата во светот која ќе започне со вакцинирање на луѓето против птичји грип

Финска планира да понуди превентивна вакцина против птичјиот грип на луѓето кои се изложени на работа со животни веќе следната недела, со што ќе стане првата земја во светот што ќе го стори тоа, соопштија здравствените власти.

Финска ги купи вакцините за 10.000 луѓе, секоја составена од две инјекции, од производителот CSL Seqirus, како дел од заедничката набавка на ЕУ до 40 милиони дози за 15 земји.

 

Европската комисија потврди дека Финска ќе биде првата земја во светот што ќе започне со вакцинирање на луѓето против птичји грип.

„Вакцината ќе им биде понудена на сите постари од 18 години кои се изложени на зголемен ризик да заболат од птичји грип поради природата на нивната работа или други околности“, соопшти Финскиот институт за здравје (THL).

Видот на птичјиот грип Х5Н1 уби стотици милиони живина ширум светот во последниве години и се повеќе се шири кај цицачите, вклучително и кравите во САД, а во некои случаи и кај луѓето.

Финска досега не открила ниту еден случај на инфекција со вирусот кај луѓето, но е решена да понуди вакцина поради здравствените ризици за луѓето кои работат со животни, додава THL.

Минатата година избувна епидемија на птичји грип во фарми за крзно на отворено во Финска, а властите наредија убивање на околу 480.000 животни за да спречат ширење на вирусот на други животни и луѓе.

Доколку се открие присуство на птичји грип кај луѓето, вакцината ќе биде понудена на сите блиски контакти, додаде ТХЛ.

Птичјиот грип е предизвикан од вирусот на грип од типот А.