Постојаното 'рчење не е добро за срцето

Редовното гласно ‘рчење не е само бучна активност во текот на ноќта, туку и состојба која може да биде лоша за нашето срце, покажа истражувањето на научниците од Универзитетот Флиндерс. Имено, новото истражување на експертите за спиење од Универзитетот Флиндерс откри дека луѓето, особено дебелите средовечни мажи, кои редовно ‘рчат навечер имаат поголема веројатност да имаат висок крвен притисок и неконтролирана хипертензија.

Rkanje

Прв доказ дека ноќното ‘рчење е поврзано со високиот крвен притисок

Студијата, „Редовното ‘рчење поврзано со неконтролирана хипертензија“, објавено во Digital Medicine, е најголемата објективна студија и прва што користи повеќе ноќни технологии за следење дома во долг период за да ја истражи врската помеѓу ‘рчењето и хипертензијата.

– За прв пат објективно можеме да кажеме дека постои значајна поврзаност помеѓу редовното ноќно ‘рчење и високиот крвен притисок. Откривме дека 15 отсто од сите учесници во студијата, кои првенствено биле мажи со прекумерна тежина, ‘рчеле во просек повеќе од 20 отсто во текот на ноќта и дека ова редовно ноќно ‘рчење е поврзано со зголемен крвен притисок и неконтролирана хипертензија – објаснува водечкиот автор на студијата д-р. Бастиен Лехат од Институтот за здравство и медицински истражувања Флиндерс и од Колеџот за медицина и јавно здравје.

 – Овие резултати ја нагласуваат важноста да се смета ‘рчењето како фактор во здравствената заштита и лекувањето на проблемите поврзани со спиењето, особено во контекст на контролирање на хипертензијата – вели д-р Лехат.

‘Рчењето го удвојува ризикот од неконтролирана хипертензија

‘Рчењето е чест феномен кој погодува голем процент од населението и често се потценува во однос на неговите негативни здравствени импликации. ‘Рчењето и апнеја при спиење често се преклопуваат, што укажува на вообичаени причини.

– Забележавме дека кај луѓето кои ‘рчат, ризикот од неконтролирана хипертензија е речиси двојно зголемен. Овој ризик повторно речиси се удвоил кај луѓето кои редовно ‘рчеле и имале апнеја при спиење во споредба со оние кои не ‘рчеле редовно – вели професорот Дени Екерт, учесник во студијата и директор на Катедрата за сон на Универзитетот Флиндерс.

Самото ‘рчење може да послужи и како ран предупредувачки знак за висок крвен притисок, бидејќи неквалитетниот сон поради ‘рчењето може да го влоши ризикот од хипертензија.

Хипертензија е медицински термин за висок крвен притисок во подолг временски период. Оваа состојба може да доведе до сериозни здравствени проблеми како што се срцева слабост, мозочен удар, срцеви заболувања или болести на бубрезите.

Се истражуваа потенцијални врски помеѓу ‘рчењето, хипертензијата и апнеја при спиење

Студијата користела податоци за следење на спиењето собрани од сензор под душекот за откривање на ‘рчење и апнеја при спиење, заедно со домашен монитор за крвен притисок регистриран од FDA, кај повеќе од 12.000 учесници ширум светот во период од 9 месеци.

– Ова е најголемата студија досега која ги истражува потенцијалните врски помеѓу ‘рчењето, апнеја при спиење и хипертензија користејќи објективни проценки во домовите на луѓето и открива важни сознанија за потенцијалните последици од ‘рчењето врз ризикот од хипертензија. Исто така, ја нагласува потребата да се земе предвид ‘рчењето како дел од клиничката нега и контрола на проблемите со спиењето, особено во контекст на одржување на хипертензијата под контрола – вели д-р Лехат.