Летниот солстициј во 2024 година ќе биде најран во изминатите 228 години

На 20 јуни 2024 година, летниот солстициј ќе се случи најрано во последните 228 години – и тоа е само почеток. Во текот на следните 72 години, овој годишен настан ќе се случува порано на секои четири години, пишува IFL Science.

Летниот солстициј има тенденција да се случува на 21 јуни секоја година. Тоа е точката кога северниот пол на Земјата е максимално наклонет кон Сонцето, поради што тој ден има и најмногу дневни часови и најкратка ноќ. Ова се случува поради оската на Земјата, која е навалена за 23,5 степени во однос на нејзината орбита околу Сонцето.

Спротивно на тоа, додека северната хемисфера го доживува најдолгиот ден, јужната хемисфера има најкраток ден – нејзиниот зимски солстициј.

Оваа година, сепак, се случува нешто интересно. Летниот солстициј ќе се случи порано од вообичаеното – на 20 јуни во 20 часот и 50 минути по западноевропско време. Тоа ќе биде најраниот летен солстициј од 1796 година. Со други зборови, летниот солстициј последен пат се случи рано кога Џорџ Вашингтон беше претседател на Соединетите Американски Држави, а Француската револуција сè уште траеше.

Во суштина, оваа варијација се јавува поради Грегоријанскиот календар и начинот на кој го означуваме текот на времето. Не правете грешка, Грегоријанскиот календар е многу добар, особено во споредба со неговиот претходник, јулијанскиот календар.

Патувањето на Земјата околу Сонцето секоја година не е точно 365 дена, туку 365,242189 – затоа Грегоријанскиот календар поставува престапни години за да ја направи просечната година 365,2425 дена.

Имаме 365 дена во секоја нормална – непрестапна година, што значи дека солстиците (и рамнодениците) се случуваат малку подоцна секоја наредна година во споредба со претходната. Потоа, на секои четири години, имаме престапна година со 366 дена – дополнителен ден е 29 февруари. Тоа значи дека таа година солстицијот и рамноденицата се 18 часа, 11 минути и 14,87 секунди порано од претходната година.

Меѓутоа, за да функционира Грегоријанскиот систем, престапната година мора да биде делива со четири. Ако годината завршува со „00“, како во случајот со 1800, 1900, 2000 година, таа може да биде само престапна ако е делива со 400.

Таква беше 2000 година. Бил делив и со 4 и со 400, но 1900, 1800 и 1700 не биле. Со испуштање на престапните години за овие векови – што значи исклучување на три престапни години на секои 400 години – правиме прилагодување на вистинската брзина со која планетата се движи низ космосот.

Тоа значи дека на секои четири години во век кој не започнува со престапна година, ние кумулативно броиме 365,25 дена годишно за четири години, а не 365,242189 дена годишно. Резултатот е тоа што времето го броиме „премногу брзо“ – околу 45 минути.

Така, летниот солстициј оваа година е околу 45 минути порано од 2020 година. Тоа исто така значи дека оваа тенденција ќе продолжи до 2096 година, кога на 20 јуни во 6:32 часот по западноевропско време ќе се случи солстицијот. После тоа, солстицијот ќе се случи повторно подоцна во годината кога циклусот ќе се ресетира.