Загрижувачки податоци: Бројот на миграторните слатководни риби е намален за 80 отсто

Популацијата на преселните миграторните риби е намалена за повеќе од 80 отсто од 1970 година, покажуваат најновите податоци од Индексот на жива планета. Населението се намалува во сите региони во светот, а во Европа популацијата на миграторните слатководни риби е намалена за 75 проценти.

Сепак, падот на бројот на единки е најбрз во Јужна Америка и Карибите, каде што бројот на овие видови е намален за 91 отсто во последните 50 години.

Миграторните слатководни риби делумно или исклучиво се потпираат на слатководните системи, некои се раѓаат во морето и мигрираат назад во слатката вода, или обратно.

Во некои случаи, овие риби можат да пливаат низ ширината на цели континенти, а потоа да се вратат во потокот во кој се родени, пишува Гардијан. Овие риби ја формираат основата на исхраната и егзистенцијата на милиони луѓе ширум светот.

Многу реки, сепак, повеќе не течат слободно поради изградбата на брани и други бариери, кои ја блокираат миграцијата на видовите. Се проценува дека во европските реки има околу 1,2 милиони бариери.

Други причини за опаѓање на рибите се загадувањето од урбаните и индустриските отпадни води, истекувањето на штетни материи од патиштата и земјоделските производи.

Климатската криза исто така ги менува живеалиштата и достапноста на слатководните води, а неодржливиот риболов е уште една закана за миграторните слатководни риби.

Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) на четвртина од видовите слатководни риби им се заканува исчезнување, додека миграторните риби се несразмерно загрозени.

– Мора да дејствуваме сега за да ги спасиме овие клучни видови и нивните реки. Рибите кои мигрираат се клучни за културите на многу домородни народи, хранејќи милиони луѓе ширум светот и одржувајќи огромна мрежа на видови и екосистеми. Не можеме да продолжиме да ги оставаме тивко да изумрат – изјави Херман Ванинген, основач на Светската фондација за миграција на рибите.