Конечно, Твитер повеќе не е Твитер! Имено, наместо twitter.com, сега официјално стои X.com. Да потсетиме дека Маск го најави ребрендирањето на платформата во јули минатата година. Иако логото и брендирањето беа сменети во „Х“, името на доменот остана Twitter.com до утрово.
Денеска се појави оваа објава на сопственикот на некогашниот Твитер, а денешен Икс, Илон Маск:
„Сите основни системи сега се на X.com“, напиша тој, објавувајќи слика од логото на бел X на синиот круг.
Маск честопати ја користел буквата X во брендирањето на своите компании, почнувајќи од 1999 година со обид да основа онлајн финансиски мегамаркет наречен X.com, пренесува France24.
Кога го купи Твитер, формираше компанија наречена X Corp за да го заврши договорот. Маск рече дека сака „Х“ да стане супер-апликација слична на кинеската WeChat. Кинеската апликација е многу поголема од X и поврзува различни функции како пораки, гласовни и видео повици, социјални медиуми, мобилни плаќања, игри, вести, онлајн резервации и други услуги. На X додаде и чет-бот со вештачка интелигенција наречен „Грок“, кој деновиве започна во Европа.
Раководството на Маск на Х се покажа контроверзно. Отпушти илјадници вработени, имаше големи технички проблеми и повторно ги активираше сметките на десничарските теоретичари на заговор, како и на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Европските регулатори, исто така, започнаа истраги за X и други социјални мрежи поради страв од дезинформации.
ЕУ претходно овој месец побара од X да ја објасни својата одлука за намалување на персоналот за модерирање на содржината, давајќи ѝ рок на фирмата до петок.