По 40-тата година мозокот драматично се менува: Во средната возраст се појавуваат првите знаци на деменција

Мозокот почнува драматично да се менува во средната возраст, по 40-тата година, а овие промени би можеле да бидат клучот за разбирање на деменцијата и борба против неа, веруваат научниците.

– Човечкиот мозок драматично се менува во неколку периоди од животот, кога животниот часовник отчукува побрзо од вообичаеното. Детството, адолесценцијата и староста се добри примери за тоа. 

За време на зрелоста, сè генерално тече редовно. Сепак, постои период од животот кога часовникот во мозокот почнува да отчукува побрзо, а мозокот тоа не го ни забележува. Ова делумно може да го предизвика и крвта. Оваа фаза на стареење на мозокот се јавува во четириесеттите и педесеттите години, во таканаречената средна возраст, и може да го предвиди идното здравје на човекот – изјавија Себастијан Дом-Хансен Алард, докторант и Ивон Нолан, професор на Универзитетскиот колеџ Корк.

Психолозите кои ги проучуваат менталните функции велат дека тие почнуваат постепено да опаѓаат, во дваесеттите и триесеттите години, додаваат тие. Меѓутоа, кога се проучува меморијата за секојдневните настани, таа е променлива и нестабилна за време на средната возраст.

– Ова сугерира дека мозокот минува низ процес на забрзување, а не постепени промени во овој период. Неколку мозочни структури се менуваат во средната возраст. Хипокампусот, област клучна за создавање нови спомени, е една од нив. Се намалува за време на зрелоста, а ова намалување се забрзува за време на средната возраст. Ова може да ја објасни лошата меморија. Во суштина, она што му овозможува на мозокот да ги извршува своите функции се врските помеѓу мозочните клетки – белата маса. Тие врски полека созреваат, особено оние со когнитивни функции. Во текот на средната возраст, многу од нив поминуваат низ пресвртница, од дебелеење до слабеење. Тоа значи дека сигналите и информациите не се пренесуваат со иста брзина. Тогаш времето на реакција почнува да се забавува. Ова е и време кога може да се измерат раните ризици од деменција – наведуваат авторите.

Тие известуваат дека научниците од Универзитетот во Мисисипи и Универзитетот Џон Хопкинс го анализирале присуството на воспалителни молекули во крвта во средната возраст и биле во можност да ги предвидат когнитивните промени во следните 20 години.

– Средната возраст може да биде поважна за идното здравје на мозокот отколку што мислиме – изјавиле Алард и Нолан.