Џиновската анаконда долго време се смета за едно од најстрашните и најмистериозните суштества на Амазон. Сепак, научниците беа шокирани од откритието дека не постојат еден, туку два вида на џиновски анаконди, се вели во студијата објавена во „Diversity“.
– Заедно со 14 научници од девет земји, откривме дека најголемите змии во светот всушност припаѓаат на два различни видови. Иако на прв поглед изгледаат речиси идентично, генетските разлики меѓу нив се 5,5 отсто, што е огромно.
За споредба, луѓето и шимпанзата генетски се разликуваат само за 2 отсто – изјавил професорот Фрик Вонк, холандски биолог и водител на емисии за природата, пренесува Дејли Меил. Тој е снимен како нурка покрај една од џиновските анаконди.
– Ова е долга 7,9 метри и тежок 199 килограми – рече тој.
Иако штотуку е откриен, научниците веќе велат дека овој вид е загрозен.
– Анакондите се група водени змии кои ги има во изобилство во Јужна Америка. Таксономскиот статус на неколку видови беше неизвесен, па дури и контроверзен. Користејќи генетски податоци од четири признати видови анаконди од десет земји, студијата ги испита филогенетските врски во родот Eunectes. Клучно откритие беше идентификацијата на две групи од родот Eunectes Murinus, што покажа дека тие се генетски длабоко различни. Ова доведе до препознавање на северната зелена анаконда како нов вид под името Eunectes akaima, различна од јужната зелена анаконда или Eunectes murinus, се вели во студијата.
Професорот Хесус Ривас, водечки автор на студијата, рече дека пред 15 години првпат сфатил дека можеби постојат два вида зелени анаконди. Со неговата сопруга, д-р Сара Кори-Ривас, тој почна да анализира примероци кои ги испитуваат генетските разлики. Сепак, беше потребно долго време за да се добијат резултатите.
– Ова беше навистина меѓународен проект. Ги проучувам анакондите 32 години, па повторно морам да се запрашам колку други видови има и колку сè уште не знаеме – рече тој.
Брајан Г. Фрај, еден од авторите на студијата и професор на Универзитетот во Квинсленд, рече дека тој и неговите колеги биле шокирани кога ги откриле огромните генетски разлики меѓу двата вида.
– Имајќи предвид дека овој рептил е толку голем ‘рбетник, неверојатно е што до сега не забележавме дека има два вида. Зелените анаконди се навистина чудовишта на светот на рептилите. Најголемите женки можат да бидат долги седум метри и да тежат повеќе од 250 килограми. Добро се прилагодени на животот во вода, не се отровни, но пленот го симнуваат со огромни, флексибилни вилици, а потоа го кршат со своите силни тела. Како врвни предатори, тие се клучни за рамнотежата на екосистемот – напиша тој за The Conversation.