Вулкан Кентаур полета: САД го испратија првото летало на Месечината по 50 години

Соединетите Aмерикански Држави го лансираа своето прво вселенско летало во обидот за „меко“ слетување на Месечината уште од ерата на мисијата „Apollo“, во историската соработка со приватниот сектор, која не беше добро прифатена од сите. Народот Навахо, најголемото домородно племе во Америка, изрази загриженост поради присуството на кремирани човечки останки на леталото, нарекувајќи ја мисијата „сквернавење“ на Месечината, која има свето место во нивната култура.

Лендерот „Peregrine“ на „Astrobotic“ беше лансирана од Кејп Канаверал на Флорида во 08:18 часот со ракета на компанијата „United Launch Alliance“ којашто тргнува на своето прво патување како дел од комерцијалното партнерство со NASA за да се заштедат парите на американската вселенска агенција. Научните инструменти на „Peregrine“ ќе го испитуваат зрачењето на површината на Месечината, помагајќи ѝ на NASA подобро да се подготви за мисии со екипаж што ќе бидат испратени таму подоцна оваа деценија како дел од програмата „Artemis“. Приватната компанија ќе пренесе и пратки од две други приватни компании кои вклучуваат кремирани останки и ДНК за да останат засекогаш на Месечината, но внатре во лендерот.

Компанијата „Celestis“ објави за 69 индивидуални посмртни останки во нејзината пратка, вклучувајќи го и починатиот креатор на „Ѕвездените патеки“ Џин Роденбери, на писателот на научна фантастика Артур Кларк и куче по име Индика-Нудл Фабиано. Клиентите плаќале цени почнувајќи од 12.995 долари за испорака, според веб-страницата на компанијата.

Во писмото од 21. декември до претставниците на NASA и американското Министерство за транспорт, водачот на Навахо нацијата Буу Нигрен изрази „длабока загриженост и разочарување во вроска со прашањата од најголема важност“ и ја повика NASA да го одложи лансирањето. „Месечината има свето место во многу домородни култури, вклучувајќи ја и нашата“, напиша Нигрен.

Од NASA се извинија и се обврзаа дека ќе се консултира со домородните Американци во иднина, се вели во извештајот на весникот „The Spokesman-Review“, кој излегува во градот Спокен, во округот на Вашингтон. Администраторот за истражување на NASA, Џоел Кернс, во четвртокот изјави дека меѓувладин тим договорил средба со народот Навахо, но нагласи дека агенцијата нема контрола врз товарот на нејзиниот приватен партнер.

-Ние ја сфаќаме загриженоста на народот Навахо многу, многу сериозно и мислиме дека ќе продолжиме да разговараме, изјави Кернс за новинарите.

Компанијата „Celestis“ објави дека го почитува правото на сите култури, но „ниту една култура или религија не треба да стави вето на вселенските мисии од религиозни причини“. Негирајќи дека мисијата ќе ја „осквернави Месечината“, компанијата нагласи дека кремираните останки ќе останат во лендерот.Б