Метеорскиот дожд Геминиди може да се види на ноќното небо од 4 до 20 декември, но во четврток ќе го достигне врвот и ќе го осветли небото – покрај нас ќе летаат до 150 „ѕвезди кои паѓаат“ секој час. Кралицата на метеорскиот дожд ќе биде видлива од цела Европа, а својот врв ќе го достигне на 14 декември во 20:27 часот по средноевропско време. Бидејќи Месечината ќе биде млада и под хоризонтот, месечевата светлина нема да влијае на метеорскиот дожд. Иако светлосното загадување може да влијае на погледот, а многу ќе зависи од облаците на небото, се верува дека условите за гледање се идеални.
Геминидите се еден од најсигурните големи метеорски дождови. За разлика од Персеидите или Леонидите, кои се познати со векови, Геминидите првпат биле забележани во триесеттите години на 19 век. Додека повеќето дождови од метеори имаат комета како нивно родителско тело, Геминидите споделуваат два орбитални елементи со астероидот 3200 Фаетон. Сепак, не е јасно дали Фаетон е родителското тело на Геминидите или тоа произлезе од друго тело, од кое исто така потекнуваат Геминидите.
– За разлика од кометите, астероидите не развиваат опашка кога се приближуваат до Сонцето и нивниот состав е различен. Сепак, научниците сè уште не знаат дали Фаетон е астероид – иако е изграден како астероид, тој не се движи како таков. Неговата орбита е многу елипсовидна, како да е комета, поради што некои научници мислат дека станува збор за сосема нова класа на небесни тела – карпеста комета – објасни Кралскиот музеј на Гринич, пишува Дејли мејл.
Метеорите се многу светли и необични по тоа што имаат повеќе бои. Додека обичните ѕвезди кои паѓаат се претежно бели, овде може да се видат жолти, зелени, црвени и сини метеори.