Како бојата на храната влијае на здравјето: Од што нè штити црвената, жолтата, зелената храна

Бојата на храната често дава индиции за нејзината хранлива вредност и содржината на хранливи материи, бидејќи боите на овошјето, зеленчукот и другата храна обично укажуваат на присуство на витамини, минерали и антиоксиданси. Затоа, важно е исхраната да биде разновидна и колоритна за организмот да добива широк спектар на хранливи материи неопходни за одржување на здравјето. Според советите на нутриционистите, секојдневно треба да јадеме жолто-портокалова, црвена, зелена и сино-виолетова храна.

Како црвената, зелената, жолтата…боите за храна не штитат?

Шарената храна, главно овошјето и зеленчукот, содржат многу витамини и антиоксиданси кои ни се потребни, а се нискокалорични. Покрај одржувањето на доброто здравје, хранливите материи во зеленчукот и овошјето работат заедно за заштита од рак, срцеви заболувања, губење на видот, хипертензија и други болести. Тогаш логично е дека најголемата можна количина на овошје и зеленчук во исхраната е најдобриот начин за подобрување на здравјето.

Црвено овошје и зеленчук

Црвеното овошје и зеленчук го штитат нашето срце. Богато е со витамин Ц, витамин А, калиум и антиоксиданси. Црвената боја во повеќето овошја и зеленчук содржи антиоксиданси кои го намалуваат ризикот од развој на атеросклероза, хипертензија и висок холестерол. Тие исто така го намалуваат ризикот од развој на различни видови на рак, вклучително и рак на простата, штитат од срцеви заболувања и ја подобруваат функцијата на мозокот. Оваа група на храна вклучува домати, ротквици, црвена зелка, цвекло, црвено грозје, јагоди, лубеница, цреши, малини, калинки, брусница, црвени јаболка.

Сино и виолетово овошје и зеленчук

Синото и виолетовото овошје и зеленчук помагаат во спречување на срцеви заболувања, мозочен удар и рак. Храната со оваа боја е важна за меморијата и обезбедува здраво стареење. Го заштитува и здравјето на уринарниот тракт и го регулира нормалното варење. Во оваа категорија на храна спаѓаат модар патлиџан, виолетова зелка, виолетови компири, капини, боровинки, виолетово грозје, сливи, суво грозје, смокви.

Портокалово и жолто овошје и зеленчук

Портокаловото и жолтото овошје и зеленчук се преполни со хранливи материи, како што се витамин Ц, витамин А и калиум, за кои е познато дека го штитат нервниот систем, ги одржуваат очите здрави и спречуваат срцеви заболувања. Овие супстанции исто така играат важна улога во одржувањето на здравјето на кожата, зајакнување на имунолошкиот систем и помагање за градење силни коски. За храна од овие бои се препорачуваат моркови, тикви, слатка пченка, слатки компири, жолти пиперки, жолти домати, жолти јаболка, кајсии, портокали, грејпфрут, праски, манго, папаја, круши, ананас.

Зелено овошје и зеленчук

Зеленото овошје и зеленчук содржат многу калиум и витамин К и го штитат здравјето на очите, намалувајќи го ризикот од развој на макуларна дегенерација поврзана со возраста. Зелениот лиснат зеленчук содржи и фолна киселина, која е многу важна за трудниците бидејќи го намалува ризикот нивното бебе да развие вродена мана. Суштинските хранливи материи кои се наоѓаат во зелениот зеленчук и овошје не штитат од рак и високи нивоа на лошиот ЛДЛ холестерол, го регулираат варењето и го подобруваат функционирањето на имунолошкиот систем. Од оваа група на намирници треба да јадете брокула, спанаќ, зелка, зелена салата, никулци, боранија, краставици, тиквички, грашок, зелен пипер, зелени јаболка, киви, зелено грозје, лимета, авокадо.

Бело овошје и зеленчук

Белото овошје и зеленчук содржат хранливи материи за кои е познато дека го намалуваат нивото на лошиот ЛДЛ холестерол во телото, како и високиот крвен притисок. Одлично делуваат и на зајакнување на имунитетот. Хранливи материи кои се наоѓаат во белото овошје и зеленчук, исто така, го намалуваат ризикот од рак на дебелото црево, простатата и дојката. Оваа група на храна вклучува компири, кромид, печурки, карфиол, репа, банани, бели нектарини, бели праски и круши.