Очекуваната вулканска ерупција на Исланд е само почеток на новата ера на вулкански ерупции што ќе трае со векови, а магмата што се акумулира под крајбрежниот град Гриндавик е само сигнал за тоа што следува, предупредуваат научниците, како што информираат од Дејли Мејл. Вулканот Фаградалсфјал на полуостровот Рејкјанес би можел да еруптира, а властите предупредуваат дека „веројатноста за вулканска ерупција е голема“ и може да се случи во секој момент.
По 800 години неактивност, 2021 година го означи почетокот на нов циклус на вулканска активност, а вулканологот од Кембриџ, Клајв Опенхајмер, вели дека ерупцијата може да предизвика нова еруптивна фаза која ќе трае со векови.
Геолошките податоци покажуваат дека периодите на неактивност на овој исландски полуостров траат меѓу 600 и 1.200 години, проследени со периоди на чести ерупции кои траат од 200 до 500 години.
– Времето истече. Можеме да се подготвиме за неколку стотици години ерупции на Рејкјанес – вели Едвард Маршал, истражувач од Нордискиот вулканолошки центар на Универзитетот во Исланд, за LiveScience.
Регионот имаше повеќе од 800 земјотреси за само еден ден, а експертите веруваат дека магмата се повеќе се зголемува и расте стравот од вулканска ерупција. На 10 ноември властите го евакуираа градот Гриндавик.
Исланд се наоѓа помеѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, кои се меѓу најголемите на планетата, па затоа е центар на сеизмичка и вулканска активност.