Исчезнуваат кафето, какаото и лубениците!

Ризикот дека растенијата како кафето, какаото, лубениците и мангото ќе исчезнат се зголемува бидејќи инсектите што ги опрашуваат исчезнуваат, покажа новото истражување на научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Природонаучниот музеј во Британија, соопшти UCL.

Студијата објавена во списанието Science Advances ја истражуваше поврзаноста помеѓу климатските промени, користењето на земјиштето и влијанието врз биодиверзитетот на опрашувачите, откривајќи голема закана за опрашувањето на културите на глобално ниво.

Студијата собра податоци од 1.507 фарми ширум светот и создаде каталог од 3.080 видови опрашувачи, што покажа загрижувачки тренд – комбинираниот притисок на климатските промени и земјоделските активности доведе до значителен пад и на бројот и на разновидноста на опрашувачите на инсекти.

Растенијата кои зависат од животните за опрашување сочинуваат 75 проценти од сите култури. Моделот создаден од истражувачите ги покажа заканите за посевите до 2050 година.

– Нашето истражување покажува дека тропските растенија се изложени на најголем ризик кога се во прашање земјоделските култури и загубите поради исчезнувањето на опрашувачите, главно поради климатските промени и користењето на земјиштето. Иако ризиците се најголеми во регионите како што се субсахарска Африка, северна Јужна Америка и Југоисточна Азија, последиците би биле глобални поради трговијата со култури зависни од опрашувачи – рече д-р Џо Милард од Природонаучниот музеј во Лондон, главниот автор на студијата.

Како најзагрозени растенија ги наведоа кафето, какаото, мангото и лубениците.

– Како што се намалува бројот на инсекти, така се намалува и бројот на култури кои зависат од нив. Во некои случаи можно е рачно да се опрашуваат посевите, но ќе бара повеќе труд и цените ќе скокнат – вели д-р Милард.

Д-р Тим Њуболд, професор на UCL и коавтор на студијата, рече дека климатските промени претставуваат закана не само за природната средина и биодиверзитетот, туку можат да влијаат и на човечките животи.

– Неопходна е глобална акција за забавување на климатските промени, како и за намалување на ширењето на обработливото земјиште, но и за заштита на инсектите кои опрашуваат – рече тој.