Срушени глобалните рекорди за температурата на океаните

Температурата на океаните ги собори сите рекорди – таа е највисока откако е измерена и изнесува 20,96 степени, објави Коперник, службата за климатски промени на Европската унија. Океаните, чија просечна дневна температура го собори рекордот поставен во 2016 година, се клучни за регулирање на климата, производство на кислород и влијание врз климатските обрасци, пишува Би-Би-Си.

Потоплите води, се додава во текстот, имаат помала способност да апсорбираат јаглерод диоксид, што значи дека повеќе од гасот што ја загадува и загрева планетата ќе остане во атмосферата. Покрај тоа, скокот на температурата на океаните го забрзува топењето на мразот, што исто така доведува до пораст на нивото на морето. Топлотните бранови како овие доведуваат до нарушувања во животот на морскиот свет, па има миграции на риби и китови кои бараат поладни води. Некои предатори како ајкулите можат да станат поагресивни бидејќи се збунети од скокот на температурата на водата, предупредуваат научниците.

– Чувството во вода е како да сте во топла бања. Избелувањето на коралите во моментов е во тек во плитките води околу Флорида и многу корали веќе исчезнаа – рече д-р Катрин Лешнески, која ги следи топлотните бранови во морето во Мексиканскиот Залив за американската Национална океанска и атмосферска администрација (NOAA), за Би-Би-Си. .

– Поради нас, океаните се под поголем притисок од било кое време во историјата – изјави д-р Мет Фрост од поморската лабораторија Плимут во Велика Британија.

– Март е периодот кога океаните на глобално ниво треба да бидат најтопли, а не август и септември. Тоа што сега се поставени рекорди ме загрижува бидејќи не знам колку ќе станат потопли океаните до следниот март – изјави Саманта Бургис од службата за климатски промени Коперник.

Таа додаде дека колку повеќе согоруваме фосилни горива, толку повеќе вишокот топлина ќе се апсорбира од океаните. Тоа значи дека ќе треба се повеќе и повеќе време да се стабилизира.

– Изненадувачки е да се види дека овие промени се случуваат толку брзо. Имавме топлотен бран во морето околу Британија од август 2022 до април 2023 година – изјави проф. Мајк Бароус од Шкотското здружение за поморски науки.

Новата просечна температура на океаните го собори рекордот поставен во 2016 година, кога Ел Нињо беше најсилно.