Насилство има во Струмица ама не се пријавува

Несовесно споделила разголени фотографии во порака на социјална мрежа на својот симпатија ученик од истото училиште па се соочила со можен брак за вдовец или разведено момче. Ова е накусо голготата на 13 годишна ученичка од струмичко основно училиште која наивно поверувала на свој соученик со кого воспоставила блиски односи. За кусо време сфатила дека е изманипулирана откако нејзините фотографии почнале молскавично да се шират по социјалните мрежи за да стасат и до нејзините родители

„Лицето кому му биле испратени фотографиите ги злоупотребил па не само што ги испраќал на пријатели и блиски на ученичката ги испратил и на семејството на девојчето. Семејството кое е од муслиманска вероисповед, водени од традицијата и обичаите одлучиле да го отпишат девојчето и го омажат со момче вдовец или разведен за да се прикрие срамот“ објаснува психологот од училиштето.

Речиси секој ден се воделе разговори со родителите и девојчето на оваA тема. Договориле дека случајот треба да се пријави во полициска станица и сторителот да одговара за злоупотреба на фотографиите.

„Сакам барем основно да завршам. Згрешив што му поверував. Не сакам да ме отпишете и да останам дома, ако останам ќе ме мажат“ раскажувало девочето на психологот кое сепак останало во училиштето.

Ова е само еден пример во Струмица каде децата во тинејџерски години наседнуваат на измама и провокации па споделуваат фотографии или трпаат булинг на социјалните мрежи. Но ретко кој од случаите е пријавен кај надлежните институции. Тинејџерите од јавна осуда или срам ретко кој пријавува кај родителите или пак кај стручните служби во училиштата.

 

Родителите последни дознаваат за било какво насилство на децата

„Булингот“, сабјер насилството меѓу децата и младите, како во училиштата така и надвор од нив е присутно. Родителите се последни кои дознаваат дека има нешто поврзано со нивните деца кои првично гледаат како на забава и шала за да премине и во омаловажување, јавно етикетирање а пак сето тоа носи и доза психолошки проблеми.

„Како Совет на родители во нашето училиште покренуваме иницијативи отворено да се зборува на оваа тема. Класните раководители со помош на стручни лица да организираат едукативни работилници, дебати. Ако се зборува за оваа тема, кои се можните последици за жртвата, како да се спречи, кои се санкциите за сторителите, ќе се охрабрат и трети лица да пријавуваат доколку забелажат, а не само жртвите. Знам дека има озборувања за изглед, тежина, социјален статус по социјалните мрежи, но никој тоа не сака да признае. Свесен сум дека споделуваат  фотографии но не сум многу запознаен со конкретен случај“, раскажува Мите Стојанов родител.

Ниту учениците не сакаат многу да зборуваат дали  наишле на конретен случај како на социјалните мрежи има злоупотреба на нечии фотографии или пак се сведоци на некаков тип насилство. Потврдуваат дека на дел од часовите и вон наставните активности имаат работилници и дебати како да се препознае врсничкото насилство. Тврдат доколку им се случи ќе го пријават насилство, но нема да пријават доколку забележат.

„Па разговараме за оваа тема во училиштето. Имаме предавања од страна на класните ракводители и психолозите. Со моите родители многу ретко, бидејки досега не сум била мета или пак сум била изложена на било какво насилство. Се обидувам да бидам другарски настроена кон сите“, вели една средношколка од училиштето „Јане Сандански“.

„Одвреме навреме ќе слушнеме дека се вртат некои фотографии по пораки или групи на социјалните мрежи, но не ме интересира и знам дека тоа не е во ред, вели ученик од „Никола Карев“.

Последните истражувања во земајва и соседните држави покажуваат дека родителите и семејствата меѓу последните дознаваат. Први на скалата се најблиските другари или другарки на жртвата. Потоа се пошироката заедница – учениците, па потоа професорите, училишните педагози.

Училиштата преку дебати предавања ги едуцираат и охрабруваат учениците да пријавуваат насилство

Училиштата и стручните служби се обидуваат на секој можен начин да ,,допрат“ до децата за оваа чуствителна тема. Организираат дебати, работилници, стручни предавања. Објаснуваат за штетноста на врсничкото насилство, но и кои би биле санкциите за сторители.  Стручните служби во училиштето „Димитар Влахов“ тврдат дека немале пријавувања на посериозни  случаи на врсничко насилство.

„Нема забележано многу чести случаи на пријавување на врснично насилство. Децата се потикнуваат да пријават случај на врсничко насилство преку класните раководители, преку запознавање на учениците со тимот од стручни соработници и учениците се охрабруваат да не се плашат и да не кријат случаи на врсничко било да станува збор за вербално или физичко насилство. За оваа тема секако дека се разговара со децата на класните часови, но но и на часовите за животни вештини каде се обработуваат теми и работилници за спречување на врсничко насилство. Паралелно како стручни работници  реализираме и други активности во таа насока“, вели Ристенка.

Според правилникот за работа при вакви случаи, тимот од стручни соработници при  училиштето „Димитар Влахов“ веднаш се состанува и  почнува да води индивидуални советодавни разговори со учениците односно си сите засегнати во конкретен случај. Низ овие разговори се откриваат причините и степнот на насилство, а се известува и класниот раководител, а потоа се повикуваат и родителите на разговор. Во зависност од тежината на случајот се повикуваат и други надлежни институции како што се Центарот за социјални работи, МВР и други оргаи надлежни за решавање. 

Според училишните психолози главен фактор се и родителите кои треба отворено да зборуваат со своите деца на оваа тема. Децата се обидуваат да сокријат и да ја избегнат таа тема, но ќе мора да се најде начин на соодветна комуникација и самодоверба на линија родител-дете. На тој начин ќе се зајакне врската и децата се охрабруваат отворено да зборуваат и пријават било што во нивното опкружување.

„Училиштето треба да ги мотивира децата да стекнуваат нови знаења, да соработуваат и да си помагаат и така да го унапредува менталниот развој. Потребно е училиштата да имаат побогати програми и разработени стратегии, како и индивидуален пристап во справувањето со таквите проблеми. Да се креираат и реализираат повеќе проекти и активности. Исто така, многу значајно е и да имаат повеќе програми преку кои ќе бидат вклучени и родителите. Колку е поголема вклученоста на родителите како партнери, толку полесно ќе се справиме со проблемот“, објаснува психологот Стојне Митева.

Македонската влада донесе препораки за сузбивање на врсничкто насилство

Случајот со масакрот во Белград во соседна Србија го запали алармот и кај македонските институции.  Владата усвои десет препораки за училиштата, директорите, општините, меѓуопштинските центри за социјална работа, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, а целта е да се превенира меѓуврсничкото насилство.

Формирање стручни тимови што ќе разговараат со секое дете во училиштата, состаноци со родителите за подобрување на безбедноста и состојбата во школите и во нивните околини, да се направат протоколи за ограничување на користењето мобилни телефони од страна на учениците и наставниците, да се обезбедат услови за психолозите и педагозите за да може да одржуваат „тет-а-тет“ средба со ученици. Ова се дел од препораките што Владата ги донесе за по препорака од Министерството за образование на чии адреси стасаа 20 поплаки дека има врсничко насилство во училиштата.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет веќе подолго време зборува за потребата од формирање на национална стратегија за борба против „булингот“ и меѓуврсничко насилство, во рамките на кое влегува и сајбер насилството. Таа потенцира дека клучна улога има семејството и родителите. Истражувањата покажале дека имале ситуации кога децата насилници добивале поддршка од родителите или пак воопшто не реагирале со оглед дека еден шамар не е некое големо чудо. Според неа родителите не го сфаќаат тоа сериозно, или го прикриваат насилството, поготово во помали средини. Некои родители дури ги тераат своите деца, жртви на насилство да молчат, за да не бидат етикетирани.

„Она што мора под итно да се направи е да се сфати сериозноста на проблемот, родителите да се вклучат во ресоцијализација на децата и во секоја нивна активност и со строги санкции. Станува збор за малолетници и ако не може да го воспитува правилно може да се предложи дури и одземање на родителско право. Треба промена на законската регулатива и строги казни и тоа веднаш казнување. Исто така и во училиштата во рамките на секој час соодветно да се посвети внимание на процесот на воспитување, стручните служби да се обучат, а и сиот наставен кадар како да препознаат булинг, како да ги третираат насилниците, но и да работат со жртвите“,  објаснува  професот Стојаноска Иванова

Во Струмичко кај полицијата нема пријави за врсничко насилство

Во СВР Струмица кој ги покрива општините од Југоисотокот засега нема пријава за врсничко насилство, а камоли како пријава од училиште. Портпаролката Александра Трајанова вели дека имаат поднесено кривични пријави за злоупотреба на фотографии, лични податоци, закани  на социјалните мрежи, но истите се за полнолетни најчесто непознати лица кои креираат лажни профили со фотографии од трети лица.

Инаку полицијата на почетокот на оваа година поднесе кривична пријава против 21 годишна струмичанка. Таа заработи и пртивор и против неа се има обвинителен акти оти наводно помагала да се стори кривично дело „Силување на дете кое не наполнило 15 години од страна на други малолентици“.

Многумина се сомневаат дека случајот доби правна разрешница откако во пораки на социјалните мрежи набрзина се прошири видео со насилники акт врз девојче за кое нема потврда дале е жртвата.

Струмичката јавност беше шокирана и од исчезнување на две малолетнички кои биле на екскурзија во Скопје. На заминување кон Струмица со автобус со изговор дека си го заборавиле паричникот во маркетот на 10 метри на двете девојчиња им се губи секаква трага. Ги немаше цели шест часа за што се ангажираше и МВР и голема група на родители од Струмица за да бидат пронајдени во непосредна близина на местото каде се загубиле. Со оглед дека станува збор за малолетнички никој не сакаше да одговори дали се загубиле или избегале.