ЕУ: Заменливите батерии во телефоните и таблетите ќе бидат задолжителни од 2027

Во новиот бран регулативи усвоени од Европскиот парламент, издвоено е значајно правило кое ќе го промени правецот на технолошката индустрија. Според овој закон, производителите на уреди ќе бидат обврзани да имплементираат заменливи батерии во своите производи од 2027 година, доколку законот ги помине сите преостанати фази.

Промената ќе влијае на дизајнот на многу популарни уреди, како што се паметните телефони и таблетите, од кои повеќето моментално користат интегрирани батерии за кои се потребни специјални алатки и експертиза за замена.

Пратениците на ЕУ ја поддржаа оваа промена со импресивни 587 гласови, додека имаше само девет против и 20 воздржани. Иако 2027 година е означена како година на имплементација, ЕУ би можела да го одложи овој рок доколку производителите бараат повеќе време да се прилагодат.

Претходно минатата недела, Европскиот парламент, исто така, усвои серија нови правила поврзани со дизајнот, производството и рециклирањето на батериите на полнење дистрибуирани во ЕУ.

Тие стандарди, меѓу другото, наложуваат дека сите електрични возила и возила како што се електричните скутери, како и индустриските батерии над 2 kWh, мора да имаат задолжителна изјава за емисија на јаглерод диоксид, етикета и дигитален пасош.

Парламентот постави и амбициозни цели за собирање и рециклирање на старите батерии, со цел до 2031 година 61 отсто од овој отпад да се собира, а 95 отсто да се рециклира.

Овие правила се совпаѓаат со напорите на ЕУ да влијае на технолошките гиганти како Apple да ги стандардизираат USB-C полначите. Се очекува серијата iPhone 15 да биде првата која ќе поддржува стандарден USB-C полнач.

Соодветно на тоа, сите компании кои сакаат да ја задржат својата позиција на пазарот на ЕУ ќе мора да се прилагодат на овој нов пристап при дизајнирање на батерии за нивните уреди.

ЕУ неодамна ги промени правилата за нелојална конкуренција и заштита на потрошувачите, кои ќе важат и за Македонија. Фокусот на овие правила е ставен на поправка на стари уреди и производство на уреди компатибилни со резервни делови од други производители, како што се полначи или касети за печатачи.